Изминатите месеци низ страниците на „Нова Македонија“ продефилираа голем број личности со свои видувања за тоа како ги минуваат деновите во самоизолација. Сите тие дадоа свој придонес во нашиот проект, кој беше инициран и осмислен за полесно да ја пребродиме оваа криза поради пандемијата на коронавирусот. Во следните денови овој простор им го препуштаме и на вработените во „Нова Македонија“ за да ги споделат своите приказни
Во деновите на самоизолација, напнатост, нервоза и лоши вести, водилка ми беше еден неизмерно радосен настан – семејството Даниловиќ се зголеми за уште еден член. Ете, нов живот во доба на неизвесност. Но човек заборава на сите лоши работи кога неговата новородена ќерка рефлексно ќе му се насмее додека ја држи в раце.
Во меѓувреме, честитките станаа виртуелни честитки, а мекиците – виртуелни мекици. Дури и бабите мораа да научат нови технологии за да си го видат новото внуче. Во меѓувреме, пак, домот доби нова функционална распределба. Така, една соба стана мини-редакција на рубриката „Свет“, од каде што веќе со недели се одвива виртуелната соработка со колегите за да им се понудат најважните информации од глобалните настани, од политика, преку геополитика до сите можни аспекти за ковид-19, на верните читатели на „Нова Македонија“.
Во друга соба се згрижува бебето, кое првите моменти од животот мора да ги помине во самоизолација (настрана онаа стара од четириесет дена). Третата соба, пак, стана училница на деветгодишниот син и во неа се користат таблети и лаптопи за да се следи онлајн наставата преку „Гугл класрум“, да се изгледаат презентации, да се решат наставни ливчиња и слично.
Мора да се признае дека е вистински предизвик во истите четири ѕида истовремено да бидеш и родител и сопруг и новинар и наставник и што уште не, но на крајот на денот миговите поминати со семејството се непроценливи.