Преку мали нешта ја филтрирам негативната енергија
Во „интрото“ на ова лудило прво на памет ми паднаа апокалиптичните филмови, си велев не е можно да живеам во филм. Тогаш си зададов задача и гледав филмови со таква содржина за да се убедам себеси дека ова е само една сцена, која ќе заврши, но не заврши….
Како навлегувавме во следната етапа, со оглед на тоа што мојата професија не ми дозволува да работам од дома, впрочем јас самоизолацијата не ја ни чувствувам, затоа што се случува да работам и за време на полициски час, секако со дозвола. Промената кај мене е во делот што не се гледам со пријателите во живо, ги немам редовните дружби по работа на ручек во некоја кафеана во Дебар Маало, ги немам таканаречените вечери со „заглавување“ во „Џубокс“ или „Балет“, го немав редовното одење на Водно еднаш неделно (фала му на Бога тоа се промени), ги немам спонтаните прошетки, прегратки…
Во овој период на адаптација ме фати паника, параноја, минував низ денови кога дезинфицирањето на површините и на рацете почна да ме излудува. Среќа, навреме се освестив и си кажав стоп! Продолжив со користење заштитни средства, држење физичка дистанца, но без премногу оптоварување на мозокот.
Откако сфатив дека ова трае и се случува, слободното време го насочив така што почнав да вежбам во домашни услови и да си задавам книжевна задача – читам по една книга во неделата. Досега ми успева. Ја препорачувам „Малтерего“ на Марчело и „Љубовникот на Ленин“ од Блаже Миневски. Добро ми оди и со филмските задачи. Мој совет е да не дозволиме да паднеме во депресија, мене мали нешта ме прават среќна, па на тој начин ја филтрирам негативната енергија. Имам среќа што живеам во куќа со двор, па имам совршено место за секојдневна оддишка.
Во моментов сум во фазата во која силно верувам дека ова ни е голема шлаканица од природата и дека кога еден ден ќе заврши, ќе почнеме да се однесуваме многу поинаку кон животната средина.