Надвор бело и студено, во себе – топло и шарено
Бело е. Тишината ја компонира новата песна на снежните капки и некој залутан цвркот на птица. Снегот на улицата е мек и неразгазен. Нема дечиња да му се израдуваат. Нема ни автомобили да го претворат во кал. Го нема ни камионот што го носи топлиот утрински леб.
Погледнувам на часовникот, уште е рано. Гледам кон Водно, стамено извишено над нашите свиткани глави. Наеднаш слушам чекор. Му се радувам на звукот на снегот што крцка под човечки чевли. Човек минува на мојата улица. Сам, единствен, како во апокалиптично сценарио на филм. Ме забележува дека го набљудувам од прозорецот. Почнува да танцува како Чаплин на снегот. Танцувам и јас пред стаклото од прозорецот на мојот нов свет. Знам дека ми се насмевнува, иако насмевката му е скриена под бела маска. Ја вади раката од џеб. Бела ракавица ми мавта за поздрав.
Надвор е бело и студено. Внатре во себе мора да ми биде топло и шарено. Седи дома.