Правилен фокус на љубов, почит, позитивна енергија
Веројатно најголемиот предизвик досега што го памети мојата генерација е моменталнава глобална состојба, каде што на испит се ставени целиот здрав разум и човечката свест. Не знам дали беше потребно вакво нешто бидејќи не верувам дека ќе се случи некое масовно освестување, за жал, сите најави го тврдат спротивното. Знам дека за дел од светската популација, но и кај нас локално, ова е еден вид позитивен тест, што можеш да очекуваш од себе кога си во слободен затвор.
Јас не се променив многу во секојдневните дејства, освен во слободата на движење според пропишаните норми и стандарди. Истражувам за теми што ме интересираат, садам многу растенија, се дружам со моите животни и семејството, кое е покрај мене физички, а со дел и на онлајн-разговори. Мојот совет до секого од вас нема да биде читај книги ако не си го правел тоа досега, или медитирај или вежбај дома, а до вчера те мрзело да кренеш чинија од маса, баш напротив, прво би ве советувала да се запознаете себеси подобро.
Да се запрашате дали карантинот ве смести на место и со луѓе со кои сакате да бидете. Доколку одговорот е не, дали всушност вие ќе го промените тоа што не ви се допаѓа во вашиот живот и на кој начин ќе го сторите тоа. Во едно нешто сум сигурна, проверена формула е правилен фокус на љубов, почит, позитивна енергија, љубопитност и храброст, а тоа ќе ве однесе баш таму каде што сакате да бидете. Намасте.