Стиховите излегоа длабоко од мојата душа
По пензионирањето, во континуитет се занимавам со креативна книжевна дејност. Сум објавувала поезија и во повеќе литературни списанија и членка сум на Клубот на литературни творци – Прилеп. Траурната завеса што го зави светот длабоко ме трогна, како и немоќта во борбата со овој невидлив убиец. Стиховите излегоа длабоко од мојата душа. Творењето во услови на целосна одговорност во домашна изолација го чувствувам како исполнување на времето, духовна храна, а секако и лек на душата. Еве ја мојата песна посветена на ковид-19:
Невидлив тивок убиец вирус, именуван ковид-19 круна на човечка злонамера,
теорија на заговор, или само заговор?!
Кој ли знае, кој ли знае?!
Ковид-19, знае и цврсто во преграб ја држи Мајка Планета Земја! Осмислил и целна група. Човекот!
Човечкиот род да се инфицира еден со друг, со ближниот, со намерникот, преку здивот, со допирот, со љубовта и дружељубието!
О, каква човечка агонија! Ние се криеме од ковид-19, тој се крие во нашето белодробие ни одзема сила и живот.
Луѓе-бројки, стотици жртви, се пренесуваат во Адот. Црна тага и видлива страва натежна над светот.
Со катинар на врата осамени, притаени во тишина се криеме во домовите од невидливиот убиец, ковид-19.
Паднати на колена во искушение го бараме Спасителот Исус Христос.
Домашни молитви му упатуваме тие ни се Крилја за душата.
– Исусе, спаси го светот од ковид-19! Веруваме, во тебе се силата и правдата. Покажи милост кон човечкиот род создаден со љубов, по образот на Бог.