ДАВЧЕ НАСЕВСКИ

Пролетна приказна

Откако прозорецот стана една од вратите кон светот, со мојот тригодишен син од него направивме бавча: посеавме семиња од гравче, чили и бамја во мали чаши, но заборавив да обележам каде што е засеано. За кратко, неизвесноста каде и што ќе изникне ги засени сите неизвесности од другата страна на прозорецот.
Читателот ќе се сети на приказните од „Илјада и една ноќ“, каде што умната (и убава) Шехерезада секоја вечер смислува приказни за кралот Шахријар, за да го преживее неговиот завет – секоја ноќ да убива по една девица. Убавината не може да ја спаси, но умноста ја спасува Шехерезада: таа ја прекинува приказната во најинтересниот дел, оставајќи го кралот во неизвесност до следната вечер, така купувајќи ден живот.

Со надеж дека оваа пандемија на отуѓеност нема да трае ни приближно илјада и една ноќ (со тоа и еднакво долги полициски часови), сакам да верувам дека неизвесноста на деновите ќе ја преживееме не само како раскажувачи ами и како создавачи на приказни. Преку умноста да ги зголемиме и шансите за спас на убавината на овој свет.
На прозорецот веќе станува извесно дека нешто се раѓа, а со тоа и приказната за вечната обнова и радоста на создавањето.

Давче Насевски, магистер по мир
и развој, поет и колумнист