Во услови кога поради воведените мерки од Владата за справување со вирусот ковид-19, поголемиот дел од граѓаните се дома и подготвуваат храна во домашни услови, Агенцијата за храна и ветеринарство потсетува на „5-те клучеви до побезбедна храна“.

1. Внимавајте на чистотата
Мијте ги рацете пред земање на храната и во текот на нејзината подготовка. Мијте ги рацете по одење во тоалет. Одржувајте ги чисти сите површини и опремата што ја користите за подготовка на храната. Заштитете го просторот на кујната и самата храна од инсекти, штетници и други животни.
Зошто?

Повеќето од микроорганизмите не предизвикуваат болести, но опасните микроорганизми може да се најдат на различни места – во почвата, водата, на животните и луѓето. Тие се пренесуваат преку рацете, кујнските крпи и садови, особено преку штиците за сечење и со најмал допир може да се пренесат на храната и да предизвикаат заболување што се пренесува преку храна.

2. Одвојте го сировото од зготвеното
Одвојте го сировото месо, месото од живина, риба и морските плодови од другата храна. Садовите и приборот како што се ножевите и штиците за сечење и обработка на суровата храна, не користете ги за термички обработената храна. Чувајте ја храната во одвоени садови за да се избегне контактот на суровата со обработената храна.
Зошто?

Сировата храна, посебно месото, месото од живина, рибата и морските плодови, може да содржат опасни микроорганизми кои со текот на подготовката и чувањето може да се пренесат на храната.

3. Темелно згответе ја храната
Храната гответе ја темелно, особено месото, месото од живина, рибата и морските плодови. Супите и гулашите оставете ги да провријат за да бидете сигурни дека е постигната температура од 70 степени Целзиусови. При печење на месото и месото од живина, сокот не смее да биде розов туку треба да е бистар.

Се препорачува да се употребува термометар за мерење на температурата на месото. При подгрејување, храната темелно загрејте ја.
Зошто?

Правилното готвење ги уништува речиси сите микроорганизми. Истражувањата покажале дека со готвење на храната на 70 степени Целзиусови можеме сосема да бидеме сигурни дека храната е безбедна за консумирање.

4. Храната чувајте ја на пропишаната температура
Не оставајте ја зготвената храна на собна температура подолго од два часа. Целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок, оладете ја (на температура под пет степени Целзиусови). Пред послужување зготвената храна добро подгрејте ја (над 65 степени Целзиусови). Дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време.
Зошто?

Микроорганизмите може многу брзо да се размножуваат доколку храната се чува на собна температура. Со чување на храната на температура пониска од пет степени Целзиусови и обработка на повисока од 60 степени Целзиусови, размножувањето на микроорганизмите е значително забавено или целосно запрено. Сепак, некои микроорганизми се размножуваат дури и при температура под пет степени Целзиусови.

5. Користете исправна вода и свежи намирници
Користете само здравствено исправна вода. Изберете само свежи намирници и избегнувајте ги оние за кои се сомневате дека се здравствено неисправни. Изберете ја храната која претходно е термички обработена ако таа го намалува ризикот од труење, а не влијае значително на хранливите својства (пастеризирано млеко).

Измијте ги овошјето и зеленчукот пред консумирање во свежа состојба. Не употребувајте храна со поминат рок на траење.
Зошто?

Сировите намирници, вклучувајќи ги и водата и мразот, може да бидат контаминирани со опасни микроорганизми и хемикалии. Отровни соединенија може да се создадат во оштетена и мувлосана храна. Со поголемо внимание при изборот на сировите прехранбени намирници, како и со едноставните мерки – миење и лупење, може значително да се намали потенцијалниот ризик.