Изминатите месеци низ страниците на „Нова Македонија“ продефилираа голем број личности со свои видувања за тоа како ги минуваат деновите во самоизолација. Сите тие дадоа свој придонес во нашиот проект, кој беше инициран и осмислен за полесно да ја пребродиме оваа криза поради пандемијата на коронавирусот. Во следните денови овој простор им го препуштаме и на вработените во „Нова Македонија“ за да ги споделат своите приказни
Парадоксот на „новото нормално“
Сѐ уште не знам дали броиме ситно (и дали воопшто броиме) до почетокот на времето по самоизолацијата, но како што се приближува денот што не треба да го броиме, почнувам да се проверувам дали имам развиено симптоми на навика од повеќе од двомесечната самоизолација. Со едноставно самотестирање констатирам дека воопшто не се создале услови за развивање навика за здодевност додека не „одиме на работа“ во Редакцијата. А уште повеќе ме зачуди спознанието дека нешто што најмногу ми недостига во самоизолацијата е – слободен ден. Парадокс или можеби „новото нормално“ како што е модерно деновиве да се нарекува она што нѐ очекува по самоизолацијата?
Она што се нарекува самоизолација и што се презема како заштитна мерка на глобално ниво од ширењето на пандемијата на коронавирусот, за новинарите во печатените медиуми значеше работење од дома. По неочекуван сплет на околностите, се случи да ги „трасирам патеките“ на проектот работење од дома во Редакцијата, една седмица пред да се започне со целосно онлајн редакциско работење, или точно на 11 март. Како своевидна придобивка за таквата мерка, колегите ми го посочија моментот – барем не мора да брзаш (и да доцниш) на колегиум! Но набргу се покажа дека работењето од дома воопшто не значи дека треба да се менуваат навиките за будење во работен ден. Уште побрзо се покажа дека работниот ден не завршува со контактирање со соговорниците, со завршување на темата, со затворање на весникот, ниту со почетокот на полицискиот час, ниту со исклучување од редакциската ВПН-мрежа, ниту со стивнување на звукот на мобилниот телефон…
Времето за интерредкациската комуникација не е ограничено, иако формално групата на Месинџер е за „службени потреби“. Со искуството од работењето во самоизолација ми се потврдува појасно логиката на деловниот бонтон – дека не мора секогаш да знаеш што работат другите, а сакал не сакал месинџер-групата ти го овозможува тоа… Предизвикот на „новото нормално“, покрај одржувањето физичка дистанца, честото миење раце и носењето маски, е и да се „освои“ привилегијата од старата ера – слободно време од реалноста, особено од онаа виртуелната!
И секако, побрзо да се вратиме во Редакцијата за да си доцниме реално на колегиум, да си упаѓаме во збор во дискусиите, да пробиваме термини за печатење од местото на настанот… и секој ден да докажуваме дека печатениот збор во „Нова Македонија“ е печат на вистината!