Моментно нема докази дека коронавирусот се пренесува преку прехранбени производи. Најголем ризик, кога станува збор за ковид-19 и намирниците е метежот од други луѓе додека се наоѓате во продавница, вели микробиологот и експерт за безбедност на храната на американскиот универзитет „Ратгерс“, Доналд Шафнер, пишува „Саенс Алерт“.
На прашањето дали треба купените производи да се чуваат три дена во гаражата или пред куќата, Шафнер вели дека тоа би можело да влијае на безбедноста на храната.
– Предлогот звучи како рецепт за катастрофа или во најмала рака, расипана храна – додава Шафнер.
Досега знаеме дека вирусот полека се инактивира на собна температура, со краток полуживот од околу осум часа, но во овој случај се претпоставува дека сите намирници се контаминирани и дека ќе се заразите уште со самиот допир. Но, според Шафнер, ниту едно од овие две, не е точно.
Според него, ако се плашиме дека амбалажата на производот е контаминирана, да ги измиеме рацете или да ги дезинфицираме пред почеток на консумирање на која било храна што ќе ја извадиме од кутија или ќеса.
– Миењето раце пред јадење е најдобрата пракса и кога не владее пандемија – порачува тој.
Микробиологот советува да не се користи сапун за миење храна, бидејќи не е наменет за тоа. Исто така препорачува консумирање на свежо овошје и зеленчук, но претходно добро да се измие во ладна вода. Ако се пазари во торба за повеќекратна употреба, Шафнер нагласува дека истата треба редовно да се пере. Сепак, како што вели тој, најголема закана со која се соочува секој во продавница е лице заразено со ковид-19.