Пoл Пилар

Пандемијата на коронавирусот со себе ни донесе и поука за тоа каква е улогата на владите во испраќањето предупредувања за катастрофи, како и нивната првична реакција на лоши вести. Факт е дека во минатото нашите граѓани, политичарите и медиумите не успевале да извлечат таква поука. За жал, ниту тековната криза (во комбинација со заемните обвинувања и јалови анализи, кои неминовно ќе следуваат), веројатно, нема да промени ништо во однос на лекциите што треба да се научат, пишува, меѓу другото, Пол Пилар во својот текст за „Нешнл интерест“

ПОЛ ПИЛАР, ПОРАНЕШЕН СЛУЖБЕНИК НА ЦИА

Организациите одговорни за предупредувања поврзани со опасностите што се закануваат – вклучувајќи ги и разузнавачките агенции, претставуваат само еден дел од системот за рано предупредување за можни закани. Вториот дел ги вклучува т.н. креаторите на политики, како и нивната реакција на самото предупредување од специјализираните агенции. Оние што предупредуваат имаат одговорност нивната порака да биде доволно јасна и гласна, зашто само така ќе го привлече вниманието на властите, односно на оние што одлучуваат. Но политичарите често имаат легитимни причини да не одговорат соодветно на сугестиите.

Политичарите и властите често ги игнорираат сериозните предупредувања на специјализираните служби

Најпластичен пример за игнорирање на една влада за сериозни предупредувања од страна на специјализирана агенција (во случајот ЦИА) за закана од големи размери беше терористичката закана од Ал каеда пред нападите на кулите близначки во септември 2001 година. Имено, американските разузнавачки агенции тогаш излегоа со прецизна слика за намерите на Осама бин Ладен, улогата на САД како негова примарна цел, неговото живеалиште во Авганистан и релациите со авганистанските талибанци. Логично е да се запрашаме зошто САД не почнаа со превентивни воени операции во Авганистан пред да се случат терористичките напади, наместо тоа да го направат отпосле. Одговорот е дека ниту една американска администрација не можеше да ја добие неопходната домашна и меѓународна поддршка за една таква експедиција. Една декада порано, претседателот Џорџ Буш и неговиот државен секретар Џејмс Бејкер, вложија огромни напори да добијат поддршка за воената акција против ирачкиот напад врз Кувајт. Јасно е дека започнувањето американска војна во Авганистан, само врз основа на предупредувањата за можни идни терористички напади, политички беше тешко изводливо.

Која е најчестата причина на политичарите да се оглушат на предупредувањата за можни закани дадени од специјализираните служби?

Една од најчестите причини за нереагирањето на власта во однос на предупредувањата е, секако, економскиот момент. Кога ќе добијат предупредување за тешки временски непогоди, локалните и државните власти се соочуваат со тешки одлуки за евакуација што би можела да предизвика сериозни економски штети за заедницата, но и да се покаже како целосно непотребна ако ураганот случајно ја смени својата насока на движење. Ковид-19 ги стави властите пред сличен избор. Гувернерите мораат да носат мачни одлуки за тоа дали да наредат трговско затворање, кое носи огромни штети во економијата на нивните држави. Овде не се работи за проблем поврзан со предупредувањето, туку со болни и неизбежни компромиси. Сепак, постоењето на легитимни причини за ненавремено реагирање на властите не значи дека сите причини се легитимни и оправдани. Кога го велиме ова, мислиме на актуелниот претседател на САД, кој до неодамна не ги сфаќаше сериозно заканата од ковид-19 и потребата од навремени одлуки. Наместо тоа (без разлика на личните или политички причини што го мотивираа), тој ја минимизира важноста на пандемијата на начин што не беше во согласност со достапните информации што пристигнуваа.

Предупредувањето не е предвидување

Организациите што се задолжени да испраќаат предупредувања, вообичаено ја опишуваат заканата како ризик – можен или веројатен – но тука никогаш не постои целосна сигурност, затоа што тие во рацете немаат кристална топка за претскажување на настаните. Всушност, една од причините за неможност од сигурно предвидување кога се работи за вештачки создадени закани се крие во високата тајност на непријателските специјални операции. Пример за тоа е силното предупредување од страна на американската разузнавачка заедница во предвечерието на настаните од ужасниот 11 септември. Таа го идентификуваше постоењето на меѓународниот тероризам и поконкретно, групата на Бин Ладен како закана број еден за американската национална безбедност, но ѝ недостигаа детални оперативни информации што беа неопходни за спречување на терористичкиот заговор.
Следна причина е комплексноста на процесите, кои се премногу сложени да дозволат предвидување на специфични идни настани.

Пример за ова се безредијата познати како Арапска пролет. Американската влада беше свесна за можните социјални и економски последици и потенцијалните превирања, но низата од настани што произлегоа од самозапалувањето на младиот туниски уличен продавач во 2010 година, едноставно не можеше да се предвиди. Патогенот ковид-19 и неговата почетна историја во Кина имаат многу сличности со постапката на тунискиот самоубиец. „Вашингтон пост“ објави дека во јануари и во февруари американските разузнавачки агенции излегле со застрашувачки опомени за опасноста што ја носи коронавирусот и за фактот дека кинеските власти го прикриваат степенот на раширеност на епидемијата. Разузнавачите заслужуваат пофалби за нивната ажурност, но, сепак, тие не предвидоа – ниту пак можеше да се очекува од нив да предвидат – во кој период вирусот ќе навлезе во САД. Оттука, уште помала беше веројатноста да ги предвидат економските последици од страшната пандемија.

Успесите се забораваат, се паметат само неуспесите

Не очекувајте предупредувањата на разузнавачите за ковид-19 да влијаат позитивно врз генералната претстава на јавноста за нивната успешност и ефикасност. Кај граѓаните и понатаму ќе доминира потребата да се истакнат грешките и лошите процени на службите од минатото. Успесите се забораваат, се паметат само неуспесите. Трамп и неговите поддржувачи, сега кога имаат најголема потреба од жртвено јагне, ќе најдат сопствени причини (делумно поврзани и со руското мешање во претседателските избори) да ги обвинат разузнавачките агенции за актуелнава криза, дури и во моментите кога администрацијата активно се труди целосно да ги политизира. Политичката партизација одигра важна улога во спинувањата на досегашните „пост мортем“ анализи на катастрофи, како и на предупредувањата што им претходеле.

Најдобар пример за тоа е Комисијата за разузнавање во рамките на Сенатот и нејзиниот третман на разузнавачките процени во периодот пред американската инвазија на Ирак во 2003 година. Тогаш ЦИА јасно предупреди на опасноста од веројатен политички, економски и безбедносен хаос, кој би следувал по насилниот пад на Садам Хусеин.
Несогласувањата помеѓу демократите и републиканците – со тоа што вториве едвај дочекаа да ги омаловажат прецизноста и важноста на разузнавачките процени – беа толку несовладливи, што Комитетот не беше во можност да излезе со консензуален извештај за состојбата.
Кога комисиите и конгресните комитети ќе започнат со расправии околу пронаоѓање на виновникот за пандемијата на ковид-19, очекувајте ја истата приказна – уште повеќе партизација и повеќе напори да се фокусирате на предупредување, наместо на реакција.

На крајот мора да се најде „жртвено јагне“

Трамп веќе се обидува да ја преобликува историјата на оваа тема за своите сопствени потреби, иако тоа преобликување личи на неконзистентна кармакаша – од тврдења дека тој цело време знаел оти се работи за пандемија, па до обвинувања дека другите недоволно предупредувале за неа. Секако, очекувајте го и стариот испробан шаблон на однесување од минатото: оние што сакаат да ги обвинат „предупредувачите за катастрофата“, упорно ќе тврдат дека тие не ги предвиделе точно настаните што следувале. Разузнавачката заедница најверојатно повторно ќе биде во фокусот на нападите. Овој пат цел на напади би можеле да бидат и центрите за превенција и контрола на болести, иако д-р Ентони Фаучи, докажан имунолог и директор на Националниот институт за алергии и инфективни болести, со своите отворени јавни изјави (кои драстично се разликуваат од нестабилните ставови на Трамп во врска со пандемијата) си обезбеди доволно голем респект и кредибилитет кај населението, за неговата организација да биде помалку ранлива на злонамерни тактики.

Американската јавност треба да разбере дека предупредувањето за некаква опасност не значи и спас од неа – дури и да е најдобро, тоа не е кристална топка и не може да претскажува. Исто така, граѓаните треба да сфатат дека и најинформираните креатори на политики понекогаш се соочуваат со непријатни и мачни компромиси. Опциите што ни ги понуди ковид-19 се навистина страшни, но во иднина ќе има уште повеќе вакви предизвици и ниту едно предупредување нема да може целосно да ги елиминира.