Виролозите изразуваат загриженост за појавата на нова брзо ширечка варијанта на сојот омикрон, која зема замав во Индија, а веќе стигна и во Обединетото Кралство, пишува „Гардијан“.
Варијантата БА.2.75, позната и како „кентаур“, првпат била забележана во Индија во мај. Бројот на ковид-случаи во Обединетото Кралство постепено се зголемува, очигледно и побргу во однос на ширењето на подвидот БА.5, кој исто така е присутен во Индија, надминувајќи ја претходната во повеќе држави доминантна варијанта БА.2.
БА.2.75 беше забележана во околу 10 држави, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, САД, Австралија, Германија и Канада.
Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) минатата недела ја оквалификува како „варијанта под надзор“, што значи оти постојат назнаки дека би можело да станува збор за позаразна варијанта, но доказите уште не се испитани.
Светската здравствена организација (СЗО) исто така внимателно ја следи новата варијанта, иако нејзината водечка научничка д-р Сумија Сваминататан кажа дека засега нема доволно голем примерок за да се испита сериозноста на варијантата.
Покрај брзото ширење, виролозите се алармирани и поради бројот на дополнителни мутации што ги содржи БА.2.75, наспроти БА.2, од која веројатно потекнува, според британскиот весник.
– Тешко е да се предвиди ефектот на толку мутации што се појавуваат истовремено. Тоа му дава на вирусот одредена непредвидливост. БА.2.75 дефинитивно е потенцијален кандидат за она што ќе се случува по БА.5. Очигледно е дека се шири во Индија, но таму немаше значително присуство на БА.5 и уште е нејасно како ќе се справи со оваа варијанта – вели д-р Том Пикок, виролог од Империјалниот колеџ во Лондон, кој го индентификува сојот омикрон како потенцијално загрижувачки во ноември 2021 година.
Предупредувањата во Велика Британија уследија откако британските пратеници повикаа на засилување на напорите за убедување на речиси три милиони жители на Англија да примат прва доза вакцина.