Речиси во сите случаи, покрај децата позитивни се и родителите, кои или сами или со децата патувале надвор од државата
По дваесетина деца со ковид-19 дневно се прегледуваат во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле – Скопје. Таму во моментот се хоспитализирани седум деца со коронавирус. Сите се помали од три години и во болницата се примени во придружба на родител.
Од изминатата недела во болницата се бележат зголемен број заразени.
Речиси во сите случаи, покрај децата позитивни се и родителите, кои или сами или со децата патувале надвор од државата.
– Бројот на прегледи на дневно ниво се движи од 60 до 80. Болницата не е ковид-центар, но ги примаме и овие случаи. Би упатил апел до родителите да внимаваат малку повеќе, а особено оние кои патуваат надвор од државата. Најголем процент од децата кои доаѓаат на преглед или се хоспитализирани патувале во странство и постои можност таму да се заразиле -посочува д-р Бесник Зеќири, директор на детската болница Козле.
Според него, сите хоспитализирани деца се со полесни симптоми, односно полесна клиничка слика и немаат потреба од кислородна поддршка, но сепак бројот на позитивни деца е во пораст.
– И во јуни имавме деца со ковид, но не повеќе од две истовремено – заклучува д-р Зеќири.
Д-р Драгана Емел – Марковска, матичен педијатар, ја потврдува ваквата состојба.
Вели дека се почесто доаѓаат на преглед деца со ковид-19, чии родители се исто така позитивни на вирусот.
– Засега сите деца се со полесна клиничка слика. Најглем дел од нив се заразиле после патување, но имаме и такви кои не патувале надвор од државата – посочува таа.
И микробиологот проф. д-р Никола Пановски, пред неколку дена за „Нова Македонија“ го коментираше порастот во дневната статистика на новозаразени од ковид-19 во земјава. Последната недела, бројките на нови ковид позитивни случаи надминуваат и 200 заболени. Според него, за младите нема потреба да се воведуваат мерки или да се ограничуваат, зашто најголем дел од нив, веќе неколку пати го има прележано вирусот.
– Сепак, ќе видиме каква ќе биде состојбата во наредните месеци – посочува Пановски.
Во соседните земји ширењето на вирусот се зголемува, особено во Албанија и во Грција и тоа на местата кои важат за турстички центри, а во кои голем број Македонци ги поминуваат своите годишни одмори.