Франција, Италија, Турција и Шведска денеска пријавиле рекорден број случаи на инфекција со ковид-19, од позаразниот, но помалку смртоносен, омикрон сој.
Францускиот министер за здравство Оливие Веран денес на пратениците им кажа дека биле регистрирани околу 335.000 случаи на инфекција со ковид-19, што е нов рекорд.
-„Суперсоничен“ раст во Франција ќе продолжи и во наредните денови и нема индикации за промена на трендот – изјави портпаролот на француската влада Габриел Атал.
Бројот на починати од Ковид во Франција во последните 24 часа изнесува 246, што е најмногу од почетокот на пандемијата, со што вкупниот број на починати достигна 97.670.
Во Италија, пак, во денеска се регистрирани рекордни 189.109 случаи на ковид, а претходниот ден биле потврдени 170.844 случаи, соопшти Министерството за здравство.
Од ковид починале 231 лице, а на ден претходно 259. Од почетокот на пандемијата во Италија се регистрирани 138.276 смртни случаи и 6,76 милиони заразени.
Денеска во италијанските болници биле хоспитализирани 13.364 луѓе, а 132 нови пациенти се хоспитализирани на одделенијата за интензивна нега. Бројот на пациенти во одделенијата за интензивна нега се зголемил од 1392 на 1428.
Турција денес потврди 66.467 нови случаи на ковид-19, што е рекорден број за земјата – соопшти Министерството за здравство.
Пријавени се 143 смртни случаи, а бројот на заразени дневно во Турција е повеќе од двојно зголемен за нешто повеќе од една недела.
– И покрај зголемениот број на луѓе заразени со омикрон, нема загрижувачки пораст на хоспитализираните – објави на Твитер министерот за здравство Фахретин Коча.
Покрај Италија, Франција и Турција, рекорден број на дневно ниво новозаразени луѓе 17.320, пријави и Шведска.