Хрватска денеска влезе во третата фаза на олеснување на епидемиолошките мерки – училиштата ги отвораат своите врати за некои ученици, а по пауза од скоро два месеци, трговските центри, кафулињата и рестораните утрово почнаа со работа, но со строги препораки кои детално ја регулираат нивната работа.
Кафулињата и рестораните можат да бидат отворени од 6 до 23 часот, а растојанието помеѓу масите мора да биде 1,5 метри. Тие ќе можат да работат и внатре, не само на терасите, како што беше првично најавено.
Масите ќе бидат празни додека не пристигнат гостите, а приборот ќе се поставува кога гостите ќе седнат. Се препорачува менијата да бидат истакнати на влезот на објектот или на друго видно место во соодветно пластифицирана форма, односно се препорачува да се отстранат класичните форми на менија.
Не е дозволено задржување на шанковите во кафулињата. Назначен е еден вработен кој служи однапред утврден број маси со цел да се минимизира мешањето на вработените и гостите.
Денеска, исто така, се отвораат училиштата за учениците од основно училиште и градинките. Министерката за образование, Блаженка Дивјак, рече дека во училиштата ќе има околу 4.500 ученици, додека во градинките може да има три пати повеќе деца отколку во училиштата.
– Очекувавме повеќе деца во клупите, но јас сум непријатно изненаден од кампањата, ова се претвори во натпревар кој округ ќе има помалку ученици во училиштата. Имаме кампања – не праќајте деца на училиште – изјави утрово Марко Кошичек, главен советник на министерката Дивјак.
Тој објасни дека нема да има проширување на групите во наредните 14 дена, односно дека новите деца нема да можат да им се придружат на децата што започнаа денеска со часови.
– По 14 дена, очекуваме Институтот за јавно здравје да развие нова рамка во согласност со новата епидемиолошка состојба. Доколку мерките се порелаксирани, ќе има повеќе деца – рече Кошичек.
Тој, исто така, рече дека добиле пријави од родители дека биле повикани од наставниците и директорите на училиштата да ги остават децата дома.
Во Хрватска се потврдени 2.187 случаи на коронавирус, а ново жариште е островот Брач.