Турција објави дека претстојната блокада за викенд ќе ја прошири и на утрешниот национален празник, бидејќи се бори со зголемен број на заразени со коронавирус.
Во соопштението на турското Министерство за внатрешни работи се вели дека мерката заклучување ќе стапи на сила вечерва и ќе трае до понеделник наутро, објави АП.
Турција деновиве регистрира рекордно ниво на заразени и смртни случаи откако ги олесни ограничувањата против ковид-19 на почетокот на март.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја стави земјата под делумна блокада на 13 април, што вклучува продолжен вечерен полициски час во работните денови, враќање на онлајн образованието и забрана за непотребни меѓуградски патувања, покрај блокадите кои се повторно воведени за време на викендот.
Владата во Анкара ги обвини новите видови на вирусот, кои брзо се шират, за зголемениот број на заразени лица.