Триесет примероци на коронавирусот од Косово пристигнаа денес во Берлин, а резултатите од лабораторискиот тест се очекуваат за две недели. Тестовите ќе покажат дали содржат нов вид коронавирус.
Косовските инфектолози се сомневаат дека новиот вид коронавирус пристигнал на територијата на Косово, пренесува „Газета експрес“.
Специјалистот за инфективни болести, Хамди Рамадани, изјави дека Светската здравствена организација објави оти новиот вид се проширил во 60 земји и дека поминала речиси една година од првиот случај на корона во Косово, па не е исклучено да се појави мутирана форма на вирусот.
Според него, оваа нова форма на мутација може да биде иста како онаа во Британија, но може да биде и друга форма на вирус.
Директорот на одделот за микробиологија, Џеват Јакупи, рече дека во Косово нема лабораториски услови за откривање нов вид коронавирус, па затоа повеќе примероци ќе бидат испратени во Берлин следниот месец.