Во Основното училиште „Миха Пинтар Толедо“ во Велење, Словенија, кај голем број вакцинирани наставници се појавиле тешки несакани ефекти, а наставата беше откажана денес.
Поради болест на 26 наставници, откажан е целиот педагошки процес во училиштето, затоа што немаат доволно кадар да предаваат. Наставниците беа вакцинирани со вакцината на „Астразенека“.
– Еден од наставниците рече дека неговата реакција веќе стивнала и дека може да дојде на работа денес, но другите сè уште се чувствуваат лошо – рече директорот на училиштето, Себастјан Куковец. Тој додаде дека наставниците генерално пријавиле висока температура (39 Целзиусови степени), вртоглавица и главоболка.
Како што вели, ќе продолжат со вакцинацијата.
– Мило ми е што повеќето од вработените решија да се вакцинираат – рече Куковец.
Словенечкиот портал „24УР“ пишува дека во вторникот, вработените во основно училиште во Церкница биле вакцинирани со „Астразенека“. И таму, наводно, неколку наставници имале реакција по вакцинирањето, па затоа не дошле на работа во средата и четвртокот.
Синдикатот на вработените во образованието ги повика здравствените власти јавно и недвосмислено да се изјаснат за безбедноста на вакцината откако Данска, Норвешка, Италија и Исланд „од претпазливост“ ја прекинаа употребата на „Астразенека“ во четвртокот поради сомнение дека предизвикува згрутчување на крвта.
Министерот за здравство Јанез Поклукар за ПОП-ТВ изјави дека ги разбира сомневањата на наставниците, но дека тие треба да имаат доверба во медицинската професија.
Нема причина да се запре кампањата за вакцинација, рече Поклукар.
Тој додаде дека во Словенија не биле користена серијата на вакцини на „Астразенека“ за која се сомневале во Австрија поради несакани ефекти.