Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, ја демантираше веста во која се тврди дека е одлучено оти граѓаните на Србија мора да направат ПЦР-тест кога се враќаат од Црна Гора, Албанија, Бугарија, БиХ, Македонија и Унгарија, истакнувајќи дека режимот за влез во Србија не е променет.
– Веста не е точна, ние не го сменивме режимот на влез во Србија, така што нашиот народ секогаш може да се врати во својата земја, нашите граѓани. Оние кои биле вакцинирани или превакцинирани, можат да влезат без потврда за негативен ПЦР-тест – само со потврда за ревакцинација – рече Брнабиќ на ТВ Прва.
Кога станува збор за „астра зенека“, една доза е доволна, а не ревакцинација. Таа додаде дека е изненадена од веста затоа што, како што подвлече, режимот за влез во Србија не е променет.
Како што изјави таа, на граѓаните на земјите од „Мини шенген“ не им треба негативен ПЦР-тест за влез во Србија, односно на граѓаните на Македонија и на Албанија, како и на Унгарија и Бугарија, чија мерка беше укината поради реципроцитет.
– Тоа е затоа што има голем број граѓани кои циркулираат преку границата и со цел да им го олеснат бизнисот и животот – рече Брнабиќ и посочи дека граѓаните на овие земји не подлежат на мерка изолација.
Премиерката Брнабиќ верува дека животот во Србија може да се врати во нормала до јули, а очекува зголемена имунизација во наредниот период.
– Во овој момент дадовме 2,6 милиони вакцини, околу 1,5 милиони граѓани примија барем една доза, тоа е 26% од населението. Имаме 1.086.286 ревакцинирани, што е околу 19% од возрасната популација. Веруваме дека околу 15 проценти е заштитено население, дојдовме до тој број сметајќи ги превакцинираните лица, кои ја добија првата доза пред најмалку пет недели – рече Брнабиќ.
Таа додаде дека Србија не мора да воведува строги мерки како Западот, благодарение на вакцините.