Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека земјата ќе ги отвори своите граници за странските туристи на 1 јули, доколку ситуацијата во врска со коронавирусот оди според планот.
– Ќе го отвориме туризмот на 1 јули, ако тоа биде исправно и за оние кои сакаат да патуваат и за нашата туристичка индустрија – рече Мицотакис на онлајн-конференцијата на Бостонската консултантска групаа, на која учествуваа 500 лидери.
Тој изрази уверување дека правилното управување со пандемијата на коронавирусот ќе доведе до побрзо економско закрепнување, пренесува АНА.
Тој додаде дека програмата за инвестирање ќе продолжи според планираното и повика на поголеми напори во борбата против климатските промени.
Овој викенд Грција ќе отвори 515 организирани плажи, што се смета за клучен тест во борбата за започнување на туристичката сезона.
Спортот, музиката и алкохолот ќе бидат забранети на плажите, а според советите на научниците, поради физичката оддалеченост, ќе бидат дозволени само 40 лица на 1.000 квадратни метри.
За непочитување се предвидени казни од пет до 20.000 евра, кои ќе бидат тројни ако се повтори прекршувањето, објави заменик-министерот за безбедност
Никос Хардалиас и додаде дека компаниите што не го почитуваат законот ќе бидат затворени прво на 30, а потоа на 90 дена.