Успехот на Србија во вакцинацијата против коронавирусот се должи на добрите односи со Кина и со Русија. Околу седум отсто од населението на Србија сега е вакцинирано. Таа доби милион дози од кинеската вакцина на „Синофарм“, а очекува милион дози од руската „спутник 5“ во март, пренесува „Политико“.
За Европската Унија (ЕУ), ова е непријатен потсетник дека додека таа не одобрува влегување на нови членки од Западен Балкан, други влијанија продираат во регионот. Вакцинацијата само додава за нејзината фрустрација. Четири од шесте земји од Западен Балкан сè уште не добија ниедна доза, и покрај ветувањата од Брисел.
– Геополитички, ЕУ досега пропушти одлична можност да ја покаже својата посветеност кон регионот. Ова може да нанесе штета на перцепцијата на јавноста за блокот во време кога фрустрациите за влез во ЕУ се веќе големи – објаснува Андриус Турса, советник за Централна и Источна Европа во „Тенео Интелиџенс“.
Европската комисија вети 70 милиони евра помош за вакцинација на Западен Балкан, дополнително на 500-те милиони евра кои ги придонесе за глобалната иницијатива „Ковакс“. Но, сè уште нема одреден термин кога вакцините ќе стигнат до регионот, бидејќи богатите земји им даваат приоритет на своите планови за вакцинација.
Чекањето на вакцините, во време кога тие постојано чекаат за пристапат кон ЕУ, може да ги оттргне земјите од Западен Балкан подалеку од Унијата. Затоа, следејќи го примерот на Србија, тие се вртат кон исток за помош.
– Една од земјите што планира да го следи примерот на Србија е и Македонија, каде што сè уште никој не е вакциниран. Владата на СДСМ, која е про-европски ориентирана, вланира да преговара за вакцина со Кина, со цел побрза вакцинација на населението – пишува „Политико“.
– Не сметам дека ова е политичка и геополитичка состојба, ова е прашање на јавно здравје. Сите се соочуваме со предизвици за пристап до вакцина. Земјите во ЕУ се соочуваат со свои предизвици. Сметам дека механизмот за европска солидарност не е неуспешен, туку дека тој само се одложува – изјави министерот за здравство, Венко Филипче, за „Политико“, додавајќи дека овој потег не треба да се гледа како оддалечување на Македонија од ЕУ.
Според Филипче, ЕУ мора да сфати дека, доколку остави дел од континентот невакциниран, ризикува сите да бидат изложени на опасност. Покрај Македонија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина ги очекуваат првите испораки преку „Ковакс“ напролет, но и тие се спремни да бараат побрзи решенија.