Најмладите ученици се враќаат во училиштата во Србија, додека за поголемите се очекува комбинирана онлајн-настава со одење во училиште.
Епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ објасни дека најмалите ученици ќе ја следат наставата во училиштата со почитување на сите мерки, со што ќе се намали можноста за ширење на вирусот.
Во една училница ќе може да има по 15 ученици, кои ќе седат на растојание од еден и пол метар. Часовите ќе бидат скратени на 30 минути.
Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на кризниот штаб, изјави дека се разгледуваат сите аспекти како што се бројот на ученици во училиштата, возраста на децата, а посебно се води сметка и за актуелната епидемиолошка ситуација.
Според неа, моменталната епидемиолошка ситуација во Србија е поволна.
– Направивме се за нашите најмлади ученици да следат што е можно повеќе настава во училиштата. Тоа е значајно за нивното идно школување. За повисоките одделенија имаме различни комбинации за водење на наставата – изјави Тепавчевиќ.
Првиот училиштен ден од новата учебна година ќе биде целосно посветен на тоа како да се спречи ширењето на вирусот.
Наставниците ќе мораат цело време да носат маска, а за учениците допрва ќе се одлучува како и во кои ситуации ќе треба да ги носат маските, а кога ќе може да ги извадат.
– Се препорачува носење на маска за цело време додека се во училиште, но за учениците можно е да им се дозволи да ги извадат кога седат во клупите, иако е препорачливо нивно носење – додава Тепавчевиќ.