Осум нови случаи на инфекција со коронавирус се потврдени во Словенија во последните 24 часа, објави словенечката Влада, најавувајќи мерки за спречување на ширење на инфекцијата.
Ова е најголем број на нови потврдени случаи на коронавирус во еден ден во последните месец и половина, така што Владата денеска на итна седница треба да донесе одлука за тоа како да спречи понатамошен брз раст на новозаразени, потврди министерот за здравство Томаш Гантар на прес-конференција.
Осумте нови случаи на инфекција со коронавирус се пријавени во Љубљана, Кршко и Копер, а меѓу нив има и тројца странски државјани.
Со новите осум случаи на инфекција, вкупниот број на потврдени случаи во Словенија се зголеми на 1.511, од кои 15 инфекции се потврдени во првите три дена од оваа недела, што Владата ги смета за последица на олеснувањето на мерките и отворањето на границите, односно допуштениот влез на граѓани од земји каде епидемијата не е под контрола.
Во Словенија моментно има 30 активни случаи на инфекција, а хоспитализирани се шестмина пациенти кои бледуваат од ковид-19, вклучително и еден сериозно болен во одделението за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Љубљана.