Во Словенија од денеска се наплатуваат брзите антигени тестови за коронавирус кои досега беа бесплатни, со цел владата да стимулира побрза вакцинација на населението против ковид-19. Сепак, оние на кои им треба тестирање поради работата што ја вршат се ослободени од плаќање.
Со тоа, бесплатно тестирање сè уште е можно за угостителите, педагошките работници, вработените во продавниците и старечките домови и други социјални институции, вработените во здравствена заштита.
Тестирањето досега беше бесплатно за сите и се користеше претежно за патувања или активности за кои беше потребна потврда. Отсега до најрано 6 септември, на места каде што се вршат такви тестирања, луѓето ќе треба да докажат дека им треба тестирање поради работата што ја работат, во спротивно се наплаќа помеѓу 10 и 12 евра.
Со прекинување на финансирањето за брзо тестирање преку државниот буџет, владата сака да го зголеми интересот за вакцинација против ковид-19, бидејќи само 41,8 проценти од вкупното население е целосно вакцинирано досега, помалку од очекуваното и под нивото што би овозможило подобра контрола на епидемијата во очекуваниот есенски бран.