Епидемиологот и член на кризниот штаб во Србија, Предраг Кон, во изјава за тамошните медиуми ја коментира влошената епидемиолошка состојба во Србија, но и предупреди дека земјата е нападната од коронавирусот и дека бројот на новозаразени ќе биде со пет цифри на ден.
„Јасно видовме дека Новата година ќе биде поттик за нагло влошување на епидемиолошката состојба. Зголемувањето на бројот на заболени почна уште пред пречекот. Сè што се организира за Нова година не требаше да се случи, едноставно не смееше“, изјави Кон.
На прашањето зошто некој не презел нешто за да го спречи тоа, епидемиологот посочи дека направил сѐ што можел, како и медицинскиот дел од кризниот штаб, а потоа предупреди на сериозноста на моментната состојба.
„Сигурно ќе имаме петоцифрени бројки, а тоа, конкретно, значи дека може да бидат десетици илјади заразени. Она што е добро е што многу помалку луѓе се хоспитализирани дневно. Тоа е седум-осум пати помалку во однос на ноември и декември и тоа е единственото нешто што може да нѐ спаси. Но, имаме голем притисок и врз клиниките за ковид-19 и примарната здравствена заштита. Циркулацијата на вирусот е поголема од кога било, како и можноста да се заразиме со сојот омикрон. Тоа е веќе удар, 65 отсто од позитивните се на возраст од 25 до 50 години, односно целото работоспособно активно население“, нагласи Кон.
„Во следните две недели ќе имаме зголемување на бројот на заразени, ова е ново заболување, инкубацијата на вирусот е скратена, сега е околу 3 дена. Заразноста е многукратно поголема отколку што беше порано. Не е тајна дека се разболуваат и вакцинирани. Неопходно е да држите растојание од еден и пол метар и тогаш мора да носите маска“, изјави Кон.
На прашањето дали понекогаш се чувствува немоќно или очајно и кој е излезот од оваа ситуација, епидемиологот вели:
„Секогаш се чувствувам така, а излезот е народот да почне да слуша експерти. Не можеме да се однесуваме на таков начин што на професијата гледаме како на куклен театар. Ни недостига одлуката сите заедно да излеземе од оваа ситуација“, прецизира Кон.