Србија, која е една од водечките држави во Европа според брзината на процесот на имунизација, реши да се пресмета со антиваксерите откако се соочи со пад на заинтересираноста на нејзините граѓани за вакцинацијата, објавуваат српските медиуми.
Претседателката Јована Стојковиќ и уште неколку членови на движењето „Живеам за Србија“ вчера беа приведени и сослушани во Обвинителството за високотехнолошки криминал поради изнесување на лажни тврдења за вакцинацијата. Станува збор за пет лица кои денес беа пуштени да се бранат од слобода. Се наведува дека уште едно лице ќе биде дополнително повикано на сослушување, а против сопругот Стојковиќ е поднесена кривична пријава. Во текот на вчерашниот ден помала група на граѓани се собра во Белград за да и пружи поддршка на Стојковиќ.
За премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, апсењето на антиваксерите е безбедносна тема од големо значење.
– Тоа е нешто што некои граѓани може да ги чини и животот. Ако само една личност која размислувала дали да се вакцинира, ги слушнала тие лаги и се откажала од вакцинација, па се заразила и преминала, тоа е кривично дело – порача Брнабиќ.
Српските медиуми се прашуваат како е можно антиваксери кои изнесуваат недокажани тврдења на Јутуб и на социјалните мрежи пред неколку илјади следбеници да имаат влијание за зголемувањето на недовербата кон вакцините, но истовремено ги посочуваат и пропустите на водечките луѓе од здравствените институции при воведните обраќања во пандемијата, кои веројатно придонеле за создавање недоверба и сомнеж за справувањето со коронавирусот меѓу граѓаните на Србија.