Во Црна Гора се исполнети условите за прогласување крај на епидемијата на коронавирус, изјавил Сенад Бегиќ, помошник-директор на Институтот за јавно здравје.
Тој појаснил дека Црна Гора помина два периоди на инкубација од 28 дена без нови случаи на коронавирус.
– Стекнати се епидемиолошките услови за ИЈЗ да размислува за прогласување крај на епидемијата. Тоа е законски дефинирана постапка која вели дека епидемијата може да заврши кога ќе помине периодот на двојна инкубација. Периодот не е дефиниран со закон. Тој е повеќе дефиниран со некои епидемиолошки правила. Две инкубации без нови случаи и навистина се исполнети условите за да се одјави епидемијата – рекол Бегиќ во утринската програма на РТЦГ.
Тој додал дека правно-формално ова на терен не менува многу затоа што ризикот од вирусот сè уште останува.
– Одјавата на епидемијата не значи речиси ништо. Првиот бран е формално завршен, но мерките и наредбите на Министерството и препораките на ИЈЗ сè уште остануваат на сила. Тоа се физичко растојание, миење на рацете и употреба на маски. Во сите земји на ЕУ носењето маски е задолжително како и кај нас нас, затоа, на затворени места, на јавни места каде не може да се одржи физичко растојание од два метра задолжително е носење маска. Дали ќе остане така, зависи од понатамошниот тек на болеста – рекол Бегиќ.
Од земјите од регионот, Словенија е првата земја која прогласи крај на епидемијата. Во Хрватска, пак, во последните 10 дена се регистрирани само три нови случаи.