Холандија ќе даде поддршка за Македонија преку набавка на тестови за коронавирус базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Светската здравствена организација. Се очекува тестовите да пристигнат во државата во наредните неколку дена.
Тестовите се базираат на технологијата позната како реверзно транскрипциона полимеразна верижна реакција (real time RT-PCR), во моментов најсензитивната метода за детектирање на вирусот. МААЕ има опширно искуство во пренесувањето на знаење и на материјали. Технологијата користена за овие тестови е првично воспоставена за потребите на ветеринарниот сектор заедно со Организацијата за храна и земјоделство, а потоа доразвиена и искористена во рамките на справувањето со епидемиите на зика и ебола.
– Запирањето на пандемијата на коронавирус е од општ интерес за човештвото. Треба да работиме заеднички на глобално ниво за да ја ставиме под контрола – изјави холандскиот Министер за надворешни работи, Стеф Блок.
Вкупната холандска поддршка за тестовите за коронавирус од МААЕ кои ќе бидат дистрибуирани во Македонија, Украина и Мароко изнесува 500.000 евра.