Министерот за здравство, Венко Филипче, во рамките на денешната посета на Белград имаше предвидено и посета на Институтот „Торлак“, каде што заедно со српскиот државен секретар за здравство, Мирсад Черлек, имаше можност да дискутира во однос на капацитетите за производство на вакцините.
– Дојдовме да го посетиме Институтот за серуми и вакцини ‘Торлак’, каде што ќе се произведуваат не само вакцините што досега се произведени во календарот туку и веќе се припрема производство на вакцината ‘спутник В’. Капацитетот за производство е 1 милион дози на месечно ниво и сакаме навистина да покажеме солидарност како што тоа го правевме и до сега кога добивавме вакцини од нашите пријатели, тоа што овде ќе се произведува на Институтот ‘Торлак’ нема да биде само за потребите на Република Србија, туку и за потребите на целиот регион, а особено за нашите братски и комшиски држави, како што е Северна Македонија – рече државниот секретар за здравство на Србија, Мирсад Черлекм, во изјавата за медиумите пред Институтот „Торлак“.
Министерот Филипче се осврна на заклучоците што произлегоа и од состанокот со министерот за здравство на Србија, Лончар, во кои речиси сите епидемиолошки анализи се покажаа како многу слични, односно исти, и ова се однесува и на пристапот, надградувањето на инфраструктурата и на препораките за третман на пациентите.
– По успешниот состанок со министерот Лончар, на кој разговаравме за навистина важни теми во делот на менаџментот на целокупната криза предизвикана од Ковид-19 и во делот на епидемиолошките мерки и препораки, како и во делот на третманот на пациентите, во делот на инфраструктура, надградувањето на инфраструктурата, разменивме искуства за нивниот и нашиот пристап во делот на правење на ковид-центрите, секако терапевтскиот пристап, секако разликите кај пациентите во клиничката слика, овој бран во споредба со тој од минатата година. Заклучивме дека многу работи се многу слични, односно исти, и дека, дефинитивно, во регионот има и практично идентични движења што се однесува на епидемијата – рече Филипче.
Министерот Филипче изјави дека Институтот „Торлак“ е познат по својата екпертиза и постои веќе 100 години, а во целиот овој период преку него се снабдуваат сите околни земји со потребните вакцини. Тој е комплетно обновен пред неколку години и во моментот функционира со надградени капацитети.