Претседателот на владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ ја помина ноќта во полициска станица, каде беше на распит во рамки на истрагата за сомнителна набавка на респиратори за болниците во тој ентитет, објавија локалните медиуми.
Новалиќ има статус на притвореник заедно со уште две лица, пишува „Дневни аваз“, повикувајќи се на неименувани извори.
Со Новалиќ вчера попладне биле приведени и Фахрудин Солак, претходно суспендиран раководител на Цивилната заштита на Федерацијата на БиХ, како и Фикрет Хоџиќ, сопственик на компанијата „Сребрена малина“, која била посредник при купувањето респиратори.
Медиумите пренесуваат дека полицијата сега чека на одлука на обвинителството за тоа дали да бидат притворени.
Истрагата е отворена во април откако се покажало дека „Сребрена малина“ купила 100 респиратори во Кина за 5,3 милиони евра, што е значително повеќе отколку што може да се купат на слободните пазари од европски производители.
Се утврдило и дека набавените респиратори кои се користат во возилата за итна помош не можат да се користат на болничките одделенија за интензивна нега, за каде и биле наменети.