Државјани на земјите-членки на Европската Унија изразуваат интерес да се вакцинираат во Србија, барајќи начин да стигнат до Белград, по одекот на вестите за имунизацијата на странците од страна на северниот сосед, како и поради бавната кампања во нивните држави. На вакцинација во Србија дошле Холанѓани, Италијанци, Германци, Словаци… покрај граѓаните од регионот, а медиумите ја нарекуваат ваквата практика „здравствен туризам“.
– Дојдете во Србија, запознајте ја, а притоа и вакцинирајте се со која вакцина сакате – пишуваат италијанските медиуми.
Италијанскиот весник „Кориере дела Сера“ го пренесува искуството на Симоне Авогарди кој во март престојувал во Србија, каде што се вакцинирал, а потоа се вратил во Италија. Тој се одлучил за вакцината на „Фајзер“, користејќи ја можноста за избор на произведувачот, и ги примил двете дози. Авогарди изјавил дека поседува сертификат за вакцинација на три јазика со кјуар-код, до кој има пристап преку телефонот, што му дава можност да патува.
Италијанецот ги известил здравствените служби во Милано оти се вакцинирал во Србија и дека нема потреба да му се јавуваат за закажување на термин за имунизација (кој би бил закажан евентуално за јуни или подоцна).
Туристичката агенција „Парти ин Белгрејд“ од Ајндховен, пак, е преплавена со барања за организирање на патувања до Србија, откако Холанѓаните ја слушнале веста дека странците можат да се вакцинираат во Србија.
– Постојано ни стигаат прашања дали можеме да организираме патување во Србија со цел за вакцинација, што во последните две недели успеавме да го сториме за 15 лица – вели за српските медиуми Србинката Тања Марковиќ Затман, која е сопственичка на агенцијата заедно со нејзиниот сопруг Холанѓанецот Томасон.
Брачниот бар добива и бројни барања за интервју од холандските медиуми, а интерес за вакцинацијата во Србија изразиле и холандски компании кои сакаат да ги имунизираат своите вработени.
Според податоците на српските здравствени власти во Србија се вакцинирале околу 22 илјади странски државјани, меѓу кои и голем број на Македонци кои ја примија вакцината на „Астра зенека“.