Негативен ПЦР тест ќе биде неопходен за влез во Србија од 20 декември, а оваа мерка, во зависност од развојот на епидемиолошката состојба, може да трае до 10 јануари следната година, одлучи кризниот штаб на српската влада за борба против коронавирусот.
По завршувањето на денешната седница, членката на ова тело и министерка за труд и социјална работа, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, најави дека на државјаните на Србија кои ќе пристигнат на граница без негативен тест не постар од 48 часа, ќе им биде дозволен влез заради уставните права, но со задолжителен карантин од десет дена, кој може да биде пократок ако во меѓувреме личноста се тестира, а резултатот е негативен.
За сите странски државјани, задолжителен ПЦР тест при влегување во Србија ќе биде неопходен од 20 декември, најверојатно до 10 јануари 2021 година, што, како што објасни Кисиќ Тепавчевиќ, ќе зависи од епидемиолошките индикатори и ефектите од мерките.
Останатите мерки за сузбивање на епидемијата ќе останат на сила до петок, 18 декември, кога српскиот кризен штаб повторно ќе се состане и ќе донесе одлука за можна корекција на мерките, рече Кисиќ Тепавчевиќ.
Таа ја посочи оценката на кризниот штаб дека досега преземените мерки – особено забраната за работа на сите угостителски и услужни објекти и трговски центри по 17 часот, довеле до пад на бројот на нови случаи.