Директорот на канцеларијата на СЗО во Белград, Марјан Ивануша, коментирајќи го наглиот скок на бројот на новозаразени со коронавирус во земјата, предупреди дека ситуацијата е сериозна затоа што Србија се наоѓа на четвртото место во Европа според бројот на новоинфицирани со коронавирус на 100.000 жители.
Веќе со денови, Србија има повеќе од 3.000 нови инфекции на дневна основа, а во вторникот и средата повеќе од 4.000, додека бројот на хоспитализирани повторно надмина 4.000.
Ова дополнително го загрозува веќе преоптоварениот здравствен систем, поради што медицинскиот дел од Кризниот штаб инсистира на заострување на мерките и општо затворање од најмалку една недела.
Предлогот е во тој период да бидат затворени сите трговски центри и угостителски објекти, а би работеле само продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи, но само за полнење на гориво.
Кризниот штаб ќе донесе одлука за овие мерки на седницата закажана за во петок.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека ситуацијата во Србија е сериозна, рече дека единствено што останува за борба против вирусот е да се почитуваат епидемиолошките мерки, додека преку вакцинацијата не се постигне колективен имунитет.
– И покрај успехот во вакцинацијата, треба да се има предвид дека бројот на оние кои не се вакцинирани и натаму е голем – изјави Ивануша за белградска „Политика“.
Во средата, 16 пациенти починаа од инфекција со ковид-19 во Србија, а коронавирусот беше потврден кај 4.056 лица меѓу 16.175 тестирани примероци.
Од почетокот на пандемијата, во земјата се тестирани 2.986.711 примероци, регистрирани се вкупно 470.941 случај на коронавирус, а досега официјално се пријавени 4.491 смртен случај, со стапка на смртност од 0,95 проценти.