Премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, денеска беше хоспитализиран во Сараево, откако пред два дена стана извесно дека е заболен со коронавирус.
– Спроведена е дијагностика, терапијата е во тек – рече неговиот советник Зоран Благојевиќ.
Новалиќ денеска почувствувал покачена температура и општа слабост.
Премиерот ги добил првите симптоми на вирусот за време на неодамнешниот мировен марш по повод одбележувањето на 25-годишнината од масакрот во Сребреница.
Премиерот на Репубика Српска е позитивен на ковид-19
Премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ е позитивен на тестот за коронавирус, објави неговиот Кабинет.
– Вишковиќ беше тестиран во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска. Понатамошната работа на кабинетот на премиерот и членовите на Владата ќе биде организирана според препораките на Институтот за јавно здравје на Република Српска и епидемиолошките служби – соопшти Владата.
Исто така, сите претходно планирани активности и состаноци на премиерот Вишковиќ ќе бидат откажани.