Корона-бројките во Србија продолжуваат да паѓаат и покажуваат помалку од 1.000 заразени втор ден по ред, а белградските медиуми тврдат дека кампањата за вакцинација ги покажува првите ефекти по ветената државна награда од 25 евра за вакцинираните бидејќи одзивот е значително зголемен откога беше објавена одлуката за исплата.
Минатата среда, на предлог на претседателот Александар Вучиќ, српската влада донесе одлука за зајакнување на кампањата ветувајќи по 25 евра на сите досега вакцинирани граѓани и на оние што ќе ја примат првата доза до 31 мај.
На 2 мај Србија имала 2.028.490 вакцинирани со првата доза, а три дена подоцна, кога беше објавено дека државата финансиски ќе ја поттикне вакцинацијата, дополнителни 43.145 лица ја примиле првата доза, па до 8 мај вкупниот број на вакцинирани достигнал 2.140.266.
Кампањата за вакцинација продолжува на два начина – следејќи ги апликациите преку државниот е-систем, но и без регистрација, директно на пунктовите за вакцинација во локалните здравствени центри и на белградскиот саем.
Во Белград вчера пристигна нов контингент со 104.130 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“, а најавена е и нова испорака на уште половина милион дози од кинеската вакцина на „Синофарм“, која минатата недела беше одобрена од Светската здравствена организација (СЗО) за итна употреба.
Здравствените власти во Србија, освен од „Фајзер“ и „Синофарм“, користат и вакцини „спутник В“ и од „Астра зенека“, со секојдневни повици до граѓаните да се вакцинираат и уверувања дека има доволно вакцини.