Точно еден месец откако беше потврден првиот случај на коронавирус во Црна Гора, здравствените власти на таа земја регистрирале 303 случаи на ковид-19, а пет лица починале, соопшти црногорскиот институт за јавно здравје, од каде ваквите бројки ги оценија како добри.
– Добрите резултати беа потпомогнати од тоа што властите воведоа ригорозни мерки уште пред да се појави првиот случај – изјави Сенад Бегиќ, водечки епидемиолог во црногорскиот институт за јавно здравје, за Би-Би-Си на српски јазик, истакнувајќи дека црногорскиот начин борба против вирусот е специфичен заради малата популација и културните особености.
– Црногорците сакаат многу да слават и да жалат – ние идентификувавме најмалку три или четири погреби кои биле епидемиолошки клучни настани за ширење на инфекцијата кога мерките сè уште не биле прогласени – рече Бегиќ за Би-Би-Си.
Тој рече дека погребите и семејните собири се главните начини на ширење на инфекцијата во Црна Гора и дека проблемот со кој црногорските епидемиолози се соочиле на почетокот на епидемијата е социјална осуда на заразените.
– Сите меѓусебно се познаваат затоа што општеството не е големо, но се справивме и со проблемот на стигматизација на неколкуте први случаи – рече Бегиќ.
Црна Гора беше последна во Европа што го забележа првиот случај на инфекција со коронавирус на 17 март, а речиси една недела претходно, црногорската влада ги донесе првите мерки за заштита на населението од епидемијата: забрани јавни собири, ја прекина наставата во сите образовни институции, затворени беа угостителските објекти. додека повеќето вработени беа испратени на работа од дома. Сето ова резултираше, според Бегиќ, со добриот одговор на црногорскиот систем на пандемијата на коронавирус.