Словенија повторно ги отвори библиотеките, галериите и музеите, поради поповолната епидемиолошка состојба поврзана со инфекцијата со коронавирус, а од следната недела е дозволено да работат гостилниците и локалите на отворени простори – тераси и градини.
Исто така, се најавуваат нови попуштања за некои ограничувања, но засега не и одредбата со која се забранува напуштање на матичните општини.
Се укинува и мерката според која луѓето над 65 години можат да вршат набавки само од 8 до 10 часот наутро, така што ќе можат да одат во продавници што се отворени во текот на целото работно време.
Со цел да се спречи евентуалниот метеж пред претстојните првомајски празници, владата донесе одлука со која продавниците кои претежно продаваат прехранбени намирници да работат и од 8 до 13 часот во недела.
Според најавите, владата ќе донесе одлука на денешната нова седница да олесни уште некои ограничувања и да започне некои економски активности, додека забраната за напуштање на општините сè уште не е планирана, но можно е да се ублажи мерката.
Словенечките медиуми пишуваат дека министерката за образование, наука и спорт Симона Кустец објавила дека училиштата и градинките би можеле да се отворат на 11 мај, но прашањето е сè уште отворено и епидемиолозите имаат поделени мислења.