Србија воведува нови мерки против коронавирусот. Собирите веќе нема да бидат дозволени, а најважната мерка е дека маските ќе мора да се носат и на отворено.
– Ги заоструваме сите претходни мерки во однос на нивната примена. Повеќе нема да може да се издаваат дозволи за собири. Маски треба да носиме сите, постојано и на отворено, тоа е исто така нова мерка – рече Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, заменик директор на Институтот за јавно здравје.
Таа додаде дека белградска „Арена“ повторно станува привремена болница.
– Сакаме да дејствуваме превентивно, да не реагираме само кога сериозно ќе се наполнат капацитетите, а здравствените работници ќе бидат преморени. Поминавме низ тоа и немаме причина да не учиме од наши и туѓи примери кои не дадоа добри резултати. Кога се однесувавме одговорно, имавме резултат, затоа барам единство и солидарност – рече министерот за здравство Златибор Лончар.
Србија веќе влезе во третиот бран на епидемијата, порано од очекуваното. Првите прогнози беа дека третиот бран ќе се случи на крајот на овој и почетокот на следниот месец, но од вторник, бројките во Србија се во пораст од ден на ден.
Во средата и вчера имаше повеќе од 200 нови инфекции на дневно ниво.