Примената на антитела од крвна плазма не е нов метод за лекување заразни болести. Државите во светот веќе лекуваат пациенти на овој начин и во голем дел лекувањето се покажува успешно. Сепак, ова не е универзален и сеопфатен метод, односно можат да се лекуваат само пациенти што се посериозно болни и што имаат развиено потешка клиничка слика како резултат на вирусот, објаснуваат имунолозите и микробиолозите
ЧЕКОР НАПРЕД ВО НАСОКА НА ЕФИКАСНА БОРБА СО КОВИД-19
Додека стручните лица во Македонија внимателно се подготвуваат да го започнат процесот на лекување пациенти со крвна плазма земена од оздравени пациенти од ковид-19, домашни, но и имунолози и микробиолози во регионот, објаснуваат дека овој начин на лекување сѐ уште треба да се применува внимателно и по протоколи – селективно. Тие се согласни дека со примена на антитела од крвна плазма можат да се лекуваат пациенти што се посериозно болни, односно што имаат развиено потешка клиничка слика како резултат на вирусот.
Проф. д-р Никола Пановски од Институтот за микробиологија смета дека овој метод може да даде резултат, но потсетува дека во моментов нема доволен број излекувани пациенти, кои би можеле да бидат донатори.
– Се претпоставува дека излекуваните пациенти имаат антитела против вирусот и се имуни и сега за разлика од вакцината каде што го даваме антигенот, па чекаме три-четири недели да стане имун човекот, овде во моментот кога ќе се даде крвна плазма тој станува имун. Таа се користи имунопрофилаксно со давање имуносеруми и во случајов, каде што се спомнува имунотерапија. Плазмата треба да се дава селективно, но ние немаме многу излекувани пациенти за да се даде сега. За тоа дали треба да се зема плазма од пациенти што немаат никакви симптоми, а се позитивни, мислам дека не треба. Ние не знаеме дали тие воопшто се инфицирани или случајно биле лажно позитивни, дали воопшто имаат создадено антитела.
Претпоставувам дека плазма ќе се дава од оние пациенти што биле потешко и посериозно болни, а се излекувале. Треба да им се дава на посериозно болните пациенти, има охрабрувачки резултати – вели професорот Пановски.
Примената на антитела од крвна плазма не е нов метод за лекување заразни болести. Српскиот имунолог проф. д-р Срџа Јанковиќ, од Универзитетската детска болница во Белград, вели дека секој пациент што ќе прележи заразна болест, во крвната плазма има антитела што ќе се врзат за причинителот на таа болест и во голема мера го блокираат, му го отежнуваат патот низ организмот и заразувањето нови ќелии.
– Овој метод функционира како дополнителен, односно не станува збор за лекување што е замена за друга терапија и лекови. Но исто така, примената на овој метод нема да има еднаков ефект кај сите пациенти. Успехот зависи од фазата на болеста, затоа што и самиот заразен пациент создава сопствени антитела -објаснува д-р Јанковиќ.
Тој додава дека не може секој да биде донатор на крвна плазма.
– Тие можат да бидат на располагање кога целосно ќе оздрават. По два негативни теста, се чека инкубација и потоа може да дадат крвна плазма. Има и луѓе што не создаваат доволно количество антитела, па затоа мора да има доволно за да има смисла – додава тој.
Пред неколку дена, нашите власти информираа дека е изработен протоколот за лекување заболени со крвна плазма од излекувани пациенти. Министерот Венко Филипче рече дека кон лекувањето на овој начин се пристапува многу внимателно. Специјалисти од Институтот за трансфузиона медицина го изработиле протоколот за лекување со крвна плазма.
– Тој треба да ги помине и официјалните процедури во Агенцијата за лекови. Тоа е процес на лекување што не е индициран кај секого. Нема сериозни податоци, освен публикации дека може да се користи во дадени, многу конкретни случаи. Затоа кон ова прашање пристапуваме многу внимателно – рече Филипчe.