Турски професор кој се фокусира на здравствените системи предупреди дека до 600.000 луѓе би можеле да умрат во Турција од коронавирусот поради недостиг од респиратори и оддели за интензивна нега во земјата.
Онур Башер во понеделникот во интервју за „Дојче веле“ изјави дека податоците покажуваат оти најмалку 30 милиони Турци би можеле да бидат заразени со вирусот.
– Ова значи меѓу 150.000 и 600.000 смртни случаи – рече Башер, кој работи како професор по економија на универзитетот МЕФ во Истанбул, во визитинг- професор по хирургија на универзитетот „Колумбија“ и доцент на интерна медицина на Универзитетот во Мичиген.
Башер верува дека над еден милион Турци ќе треба да бидат хоспитализирани, а без потребниот број респиратори и кревети на одделенијата за интензивна нега бројот на смртни случаи може да се вивне.
– Ќе бидат потребни најмалку 320 илјади респиратори. Ако овие луѓе не се поврзани со машини, стапката на смртност би можела да достигне 90 отсто – вели тој.
Сепак, професорот Башер не понуди основа за своите алармантни предвидувања.