Автор: Исак Воргучиќ
Извор: Республика
За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, што воопшто не ги спречува политичките противници да се занимаваат помалку со здравјето на граѓаните, а повеќе со продолжувањето на политичките препукувања
Новиот вирус, кој го започна своето смртоносно патување во Кина кон крајот на минатата година, пристигна на Косово во првата половина на март. Во време кога вирусот почнуваше да го крши имунитетот на луѓето на Косово, политичките задкулисни игри почнаа да ја кршат штотуку избраната Влада, која не ги издржа долго овие удари, така што Косово смени две Влади во текот на целата пандемија на коронавирусот. За среќа, временски, тие беа распределени на таков начин што Владата која беше склона кон построги мерки, беше на власт на почетокот на пандемијата, а таа што беше посклона кон попуштање на мерките, стапи на сила кон крајот на пандемијата.
Поделен здравствен систем
Владата на Курти реагираше брзо при донесувањето на рестриктивните мерки, но поради наглото зголемување на бројот на заразени општините Малишево, Северна Митровица и Звечан беа веднаш ставени во карантин. На овие градови подоцна им се придружија и Клина, Витина, Урошевац и Приштина, во кои бројот на заразени лица во само еден ден се зголеми за 20.
Медиумите започнаа со промоција на препораките на институциите со хаштагот „остани дома“ со логото на телевизиската станица, и со пренесување на едукативни содржини – како да се спречи преносот на вирусот и како да се заштитите себеси и другите. Со нивниот пример, претставниците на институциите најмногу ја истакнаа важноста да се почитуваат препораките на здравствените установи и да се задржи дистанцата за време на состаноците.
Веднаш беа затворени градинките, училиштата и факултетите, како и границите, кафулињата, рестораните, трговските центри и спортските и културните институции, а граѓаните беа ограничени во нивното движење. Во однос на претпоследниот број во личната карта, на граѓаните им беше дозволено да се движат во неколку дневни слотови од по 90 минути, за набавка на намирници, и тоа најмногу по двајца во автомобил. Познавајќи ја лошата здравствена состојба, тие воведоа драстични мерки кои единствено можеа да го спречат ненадејното зголемување на бројот на заболени и застојот на неподготвените болници. На крајот на краиштата, Косово не се разликува премногу од своите соседи во тој поглед, кои исто така не се познати по одличната состојба во здравството.
Посебна карактеристика е тоа што на Косово, во мнозинството албански средини по 1999 година, здравствените институции функционираат под покровителство на новите власти во Приштина, додека српските лекари продолжија да работат во помалите места населени со Срби, но под Министерството за здравство од Белград. Секако, и двете здравствени установи со години страдаат од хроничен недостаток на медицинска опрема, во случајов опрема за потешки случаи на ковид-19. Косовскиот министер за здравство, Арбен Витија, наскоро воведе вонредна состојба во здравството, што подразбираше затворање на приватните болници и поликлиники заради целосно ангажирање на лекарите во државните болници, и примање само на итни случаи и фокусирање на оние со симптоми на вирусот. Ова беше имплементирано од двата система, но статистиката за пребројување на нови случаи на заразени се правеше цело време одделно, па кога косовското Министерство за здравство ја објави дневната статистика за ковид-19 во тие бројки ги немаше оние од српските средини. Од друга страна, Институтот за јавно здравје во Северна Митровица издаде посебна статистика, сметајќи ги исклучиво нејзините осигуреници.
Министерот Витија наскоро ја извести јавноста дека Косово има на располагање 142 респиратори, како во јавниот, така и во приватниот сектор, со најава за пристигнување на неколку десетици нови, како донација од меѓународни организации. Во исто време, бројот на расположиви респиратори за болници под српскиот систем остана под превезот на мистерија. Надлежните во Клиничкиот центар во Северна Митровица објавија дека има доволно респиратори, додека покрај постојниот респиратор во КК Грачаница, локалната самоуправа обезбедила уште еден. Дознавајќи дека сега имаат на располагање два респиратори, околу 60.000 жители од помалите српски области јужно од реката Ибар, кои гравитираат кон КК Грачаница, можеа слободно да здивнат. Шегата настрана, среќа во несреќа е што овие луѓе живеат претежно во рурални средини, каде што немаат многу контакти со други луѓе, а самата работа во овој период од годината се сведува на земјоделска работа, односно работа на отворено.
Ривалството на премиерот и претседателот
На предвремените вонредни парламентарни избори во октомври 2019 година партијата на Албин Курти водеше, пред се заради заклетвата да се бори против длабоко вкоренетата корупција, но и политиката на реципроцитет во односите со Србија. Сепак, недоволниот процент за одредување победник на изборите доведе до тоа преговорите за Самоопределување околу формирањето на нова косовска Влада да траат двојно повеќе, додека премиерот Курти успеа да остане на функцијата лидер на таа коалиција. По само 50 дена, среде вонредната состојба поради пандемијата, неговите коалициски партнери од Демократскиот сојуз на Косово и сите 10 пратеници од српскиот список, му свртија грб.
Според одлуката донесена на телефонската седница, Владата на Косово го забрани движењето на граѓани и приватни возила од 24 март во периодот од 10 до 16 часот во текот на денот, а во текот на ноќта од 20 часот до 6 часот наутро наредниот ден. Се гледаше дека граѓаните скоро без исклучок се придржуваат кон забраните и препораките. Повеќето од нив во периодот на дозволеното движење уредно носеа заштитни маски и ракавици, а гужвите, контактите и присуството на деца и стари лица на улиците беа драстично намалени. Периодите на целосна забрана за движење се чинеа морничави со напуштените улици во градовите и селата, со ретки тимови на новинари кои ја снимаа оваа состојба преку фотографии и снимки. Статистиката на заразени со ковид-19 на крајот на јуни ни говори дека има над 2.000 регистрирани случаи, а излекувани скоро 1.100, но за жал и над 30 со фатален исход. Клиничкиот центар во Северна Митровица за последен пат кон средината на јуни ја извести јавноста дека над 100 лица биле заразени и нешто помалку излекувани, додека десет лица починале. Општо, во споредба со земјите од регионот, бројот на случаи во Косово е поголем отколку во Албанија и Црна Гора, но за неколку пати помал отколку во Северна Македонија и Србија.
Наместо да одат на училиште, нашите најмали почнаа да посетуваат часови „на далечина“. Ова е кога наставникот опуштено ја предава подготвената наставна единица пред камерата, а родителите пред малите екрани излегуваат од својата кожа, обидувајќи се да ги натераат помладите деца внимателно да ја следат наставата и да запишат сè навреме. Овие програми беа подготвени и емитувани во организација на дури две министерства, затоа што во Косово има два училишни системи: едниот припаѓа под Владата на Косово, а другиот под Владата на Србија. Секој од овие два системи функционира според сопствените правила, има свои посебни училишни програми, почетоци и завршувања на учебната година, празници, работни и неработни денови, па дури и ТВ-програми „за учење од далечина“. Меѓутоа, кога беше објавено затворањето на училиштата во Косово, беа затворени и српските училишта, иако оние во Србија работеа уште една недела.
Со оглед на тоа што Косово претрпе загуби во производството од околу 300 милиони евра во првите 50 дена, косовската Влада итно усвои фискален пакет од околу 180 милиони евра, заради исплати во неколку различни категории. Покрај поволните заеми за компаниите, помошта им се исплати и на работниците изложени на ризик од вирус, примателите на социјална помош, работниците на компаниите кои претрпуваат загуби поради падот на бизнисот, оние што ги губат своите работни места поради пандемијата, но и на сите што успеваат да потпишат договор за вработување во овој период. Финансиската помош сигурно им помогна на најранливите семејства во моментот, но факт е дека огромен број луѓе ги губат своите работни места. Последиците од ваквата состојба врз локалната економија сигурно ќе се видат појасно до крајот на годината.
Ривалството меѓу премиерот Албин Курти и претседателот Хашим Тачи, како и постојаните кавги со коалицискиот партнер Иса Мустафа, главно се причините за брзиот пад на Владата. Два дена по воведувањето на ограничувањето на движењето заради првите случаи на ковид-19, Собранието на Косово, донесе резолуција со која што мандатот за преговори со Србија се одзема од надлежноста на претседателот, и му се предава на Собранието. Како што се очекуваше, претседателот не го поднесе тоа лесно, па имаше набој на навреди против премиерот на Твитер. Претседателот исто така ја оспори уставноста на ограничувањето на движењето на граѓаните и побара да се воведе вонредна состојба, што е во негова надлежност, но и покрај поддршката на Иса Мустафа, тој не можеше да обезбеди двотретинско парламентарно мнозинство за да воведе вонредна состојба.
Повторно користејќи го Твитер, овој пат ги повика граѓаните и полицијата да не ги почитуваат мерките на Владата и да ги сметаат како неуставни (!?). На ова му се придружи министерот за внатрешни работи, Агим Бејиу, инаку од редовите на партијата на Иса Мустафа, кој беше сменет од премиерот Курти токму поради тоа, и покрај договорот за коалиција со Демократската алијанса. Покрај тоа, Албин Курти за време на својот мандат ги смени партиските вработени директори на најголемите јавни компании, од електроенергетиката, телекомуникациите и железници, како и неговиот советник и новинар Шкељзен Гаши, на кого не му ја прости изјавата дека „некои припадници на ОВК извршиле злосторства против невини српски цивили“.
Сменувањето на министерот Бејиу и одбивањето на Курти безусловно да ги укине даноците на 100 отсто стока од Србија, што би ги одблокирало преговорите со Белград, се главно причините поради кои Мустафа на крајот и ја собори владата. Сепак, пратеничката на Мустафа и претседателката на Собранието, Вјоса Османи, не го дала својот глас за сменувањето на Курти, на која партијата не и го простила тоа, па затоа по долгите препукувања во локалните таблоиди, била избркана од претседателството. Наместо да го распушти собранието по падот на Владата и да распише нови избори, тој, на општо изненадување на сите, понуди нов мандат на партијата на Иса Мустафа, а Уставниот суд, и покрај жалбата на Курти, пресуди дека Тачи бил во право, и дека формирањето нова Влада без избори е сосема во ред. За помалку од еден месец, обвинителството на Специјалниот обвинител за воени злосторства во Хаг ги објави деталите за идното обвинение против Хашим Тачи и неговиот воен и партиски соборец Кадри Весели, со што се најави непосредниот крај на нивните политички кариери.
Брз пораст на заразени
Помина месец и половина од првите случаи на коронавирус до врвот на епидемијата во Косово, кога беше забележан скок од 250 новозаразени и 10 смртни случаи. Потоа, кривата почна полека да опаѓа, што е една од причините за одлуката, овој пат новиот премиер Авдулах Хоти од редовите на Демократскиот сојуз на Косово, да ги олабави целосно мерките на 1 јуни. Укинати се ограничувањата за движење, се отворија кафулињата и рестораните, но беа забранети масовни собири во затворени простории. Поради тоа, повторувањето на локалните избори во Косово во две општини сè уште не е одржано, додека српските републички избори се одржаа во сите општини со српско мнозинство, со присуство на ОБСЕ и обезбедување – косовската полиција.
Задолжителниот двонеделен карантин за оние кои влегуваат во Косово е укинат, така што традиционалната сезонска гужва повторно се создава на границите. Косовците кои работат во земјите од Западна Европа своите летни годишни одмори ги минуваат во посета на своите семејства на Косово, и по правило продолжуваат со летните одмори на албанското или црногорско крајбрежје. Оваа „летна миграција“, која трае од јуни до септември, се мери со десетици илјади гости, кои се клучни за локалната економија, но за време на пандемијата може да придонесат и за побрзо ширење на вирусот.
За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на случаи на зараза со коронавирус, поради што е можно мерките повторно да бидат поострени. Во летните месеци, децата на одмор и луѓето на одмор ќе ги зголемат гужвите во градовите, што има позитивен ефект врз ширењето на вирусот, но тоа ни малку не им пречи на политичките противници да се занимаваат помалку со здравјето и благосостојбата на граѓаните, а повеќе со континуирани политички престрелки.
Короната оваа година се приклучи кон списокот на тековно неизлечиви вируси на Косово, за кој сè уште постои надеж дека научниците ќе пронајдат вакцина. За социо-политичките вируси го стекнавме „имунитетот на стадо” па за нас впрочем ова е една сосема обична косовска пролет.