Авторка: Мерсиха Дрињаковиќ
Извор: Республика
Како Босна и Херцеговина се справи и се уште се справува со кризата предизвикана од пандемијата? Зошто немавме единствен кризен штаб на ниво на држава? Како се создадоа скандалите, предизвикани од нерегуларности и злоупотреби на системот, благодарение на скратените постапки за време на вонредната состојба? Од што најмногу се плашевме? Дали изборите во ноември ќе донесат промени, барем на локално ниво?
Се сеќавате ли на емисијата Игри без граници (оригиналното име беше „Jeux sans frontieres“), она забавно шоу во кое натпреварувачите честопати се обидуваа да ги надминат сите пречки на смешен начин. Натпреварувачи од 20 земји учествуваа на Игрите без граници од 1965 до 1999 година, а куриозитет претставува што италијанскиот тим учествуваше во сите емисии, и најмногу победи имаше Германија која успеа да победи дури шест пати. Зошто тука ги споменуваме Игрите без граници? Па, затоа што во Босна и Херцеговина – од средината на месец март, ние сме вклучени, иако не по своја волја, во сличен концепт на емисијата – преточен во реалниот живот. Но, тука не е забавно и нема медали за учесниците.
Преплашени од вирусот
Кога пандемијата на коронавирусот пристигна на нашата улица, веќе бевме преплашени од сцените, најмногу оние од Италија, и не беше тешко да нè убедат во условите на изолација, дистанцирање и строги рестриктивни мерки. Затворени се границите, прекината е наставата во основните и средните училишта, како и предавањата на универзитетите, затворени се угостителските објекти, како и сите останати во синџирот на услуги, работеа само аптеките и самопослугите, со применување на строги мерки на претпазливост. Да, се плашевме и нашиот страв само делумно се базираше на вестите за ужасниот вирус. Ние повеќе се плашевме од нашиот здравствен систем – односно од сценариото во кое би можеле да се најдеме доколку паднеме под негова заштита.
Вирусот беше непријател (и сè уште е) а пак, опустошената и посрамена земја беше можеби најслабата алка во европскиот синџир на борба против ковид-19. Зошто? Кога вирусот напаѓа ослабен организам, во него создава катастрофа – и ковид-19 можеше да предизвика хаварија на здравствениот систем во БиХ, кој со години беше препуштен на самоволието на политичката поделба на пленот по изборите: сите здравствени установи, од министерства, институти за јавно здравје до болници, претежно беа водени од луѓе избрани според подобноста, а не според способноста.
Оттука, здравствениот систем е толку ослабен по неколку основи: со заминувањето на стручниот персонал (што трае веќе со години), лошите проценки на раководителите, набавката на медицинска опрема што одеше на штета на пациентите, а во корист на добавувачите и оние кои ја нарачуваа опремата. Голем дел од акумулираниот лош и не-домаќински однос на нашите „раководители на сите нивоа“ – доаѓајќи не само од здравствениот сектор, во март ни пристигна и не удри по глава – и секако дека бевме преплашени. Сè што ќе чуевме од луѓето околу нас, се сведуваше на една те иста работа – само да не се заглавиме во болница.
Афера за набавка на респиратор
Додека земјите од регионот повеќе или помалку се бореа против вирусот – ние се соочувавме со афери – скратени и итни постапки за набавка на глобално „горлива стока“ – респиратори и заштитна опрема, што за нас во БиХ ни ја отвори вратата да располагаме со пари на даночните обврзници на непрофесионален и недоверлив начин.
Првата откриена приказна за набавките, во најмала рака, според сомнителните процедури, ја стави во преден план „Сребрената малина“ – компанија која се занимава со откуп на малини, и која доби можност да нарача специјални респиратори од Кина за кои парите (околу 5 милиони евра) беа исплатени авансно. Деталите за договорот ѝ станаа познати на јавноста благодарение на локалните медиуми. Босанско-херцеговските Игри без граници навистина немаа никакви ограничувања – медиумите секојдневно го склопуваа мозаикот составен од скандали, афери, лоши потези на институциите или, во најмала рака, мерки и одлуки што се косат со логиката.
Воведени се забрани за движење за лица под 18 и над 65 години, без да им се пружи никаква поддршка на постарите граѓани, оставени да бидат згрижени од помладите соседи и волонтери кои скокнаа на, кај нас веќе одамна испразнетата улога на одговорна држава која функционира како сервис на граѓаните. Потоа, на 24 април стапи во сила изменетата и дополнета одлука со која им се „овозможува движење на лицата постари од 65 години, во понеделник, среда и петок од 9 до 13 часот. На помладите лица на возраст под 18 години исто така им е дозволено да се движат, во вторник, четврток и сабота од 14 до 20 часот. “
Медиумите, во повеќето случаи, известуваа одговорно, нагласувајќи ги мерките пропишани од стручниот кадар и надлежниот кризен штаб, со постојаната порака „останете дома“. Неколку новинари и новинарки од медиумите кои објавуваа приказни за неправилности, како што е набавката на маски по високи цени или набавка на ваков вид на заштитна опрема што ја добавуваат компании на коишто ова не им е дејност, каде што ги доведоа во прашање одлуките и мерките преземени од надлежните за време на пандемијата претрпеа и продолжуваат да трпат секакви притисоци (видливи и невидливи), како што е тоа случај со новинарката Аријана Сарачевиќ Хелаќ која јавно го објави документот според кој бх. адвокат Кадрија Колиќ беше на пат да продаде повеќенаменско возило во вредност од милион КМ на Министерството за внатрешни работи во кантонот Сараево. Еден ден подоцна, г-дин Колиќ ја нарече измамник и лажга нагласувајќи дека не станува збор за него, туку за компанијата во која тој е косопственик.
Новинарката на порталот „Фокус“, Семира Дегирменџиќ, која покрена лавина реакции поврзани со купувањето на респиратори од Кина преку компанијата „Сребрена малина“, исто така се најде на удар, при што нејзината главна редакција издаде соопштение во кое се вели: „На неколку анонимни страници и профили на „Фејсбук“, покрената е кампања во насока на дискредитирање на Фокус и нашата новинарка Семира Дегирменџиќ и нивно поврзување со политички опции и поединци. Според она што може да се види и анализира од претходните објави, станува збор за мрежа на ботови и страници што можат да се доведат во директна врска со владејачките политички структури“.
Неусогласен кризен штаб
Во земја со комплицирани надлежности за време на криза, оваа сложеност дојде до уште поголем израз: немавме единствен кризен штаб на ниво на држава, туку секој по сопствен избор си пропишуваше мерки и на ниво на ентитет и на кантонално ниво. Член на претседателството на БиХ од редовите на српскиот народ си кроеше мерки во ентитетот на Република Српска, иако тоа не се негови надлежности, а во Федерацијата на БиХ фрагментацијата на овластувањата и децентрализацијата ги остави жителите во целосна забуна – како да се почитуваат мерките и ограничувањата при преминување од едно на друго место, со оглед на тоа што прописите и забраните се разликуваат.
Порталот „Кликс“, објави текст за различни мерки за населението во еден мал дел од БиХ, по примерот на две населени места во Добриње и Источно Сараево: „Она што е апсурдно е тоа што само на стотина метри од Источно Сараево (РС), во населбата Добриње, во подрачјето на Федерацијата на БиХ, на граѓаните им е дозволено да се движат за време на викендот, освен за време на полицискиот час од 20 часот навечер до 5 часот наутро. Од друга страна, родителите кои шетаат по улиците на Источно Сараево со своите деца упатуваат на друг апсурд и недоследност во мерките на кризните штабови на ентитетите. Додека децата во Добриње можат да ги гледаат парковите само од прозорецот, нивните врсници во Источно Сараево можат барем да прошетаат низ нив“.
Новинарите почнаа да поставуваат прашања, на кои, најчесто, не добиваа одговори и тешко беше да се дојде до изјава, затоа што прес-конференциите на претставниците на кризните штабови се одвиваа без присуство на претставници на седмата сила – заради усвоените прописи за забрана на собири. На претходно доставените новинарски прашања тогаш можеше да се одговори според концептот – „ќе избереме на што ќе одговориме денес“. Порталот „Медиа.ба“ детално извести околу тоа: „На конференциите за медиуми на Кризниот штаб на ФБиХ можат да присуствуваат тројца новинари, а имињата ги делегираат од новинарската заедница главно преку „Вибер“ групата.
Конференциите се одржуваат во 12 часот кога јавноста се информира за епидемиолошката состојба, а најчесто тоа го прават вработените во Федералниот институт за јавно здравје и помошник-федералниот министер за здравство Горан Черкез. Попладневната прес-конференција во 17.15 часот е отворена исто така за тројца новинари. Соговорниците се економисти и во тој период се соопштуваат економските мерки. Новинарите кои не присуствуваат на прес-конференциите мораат да ги испраќаат прашањата преку е-пошта два часа пред да започне пресот.
Следуваше нов удар набрзо по ова: отпуштања, претежно во секторот услуги, но и во областа на малите бизниси, така што последиците од мерките врз економијата на земјата беа ужасни во првите недели од пандемијата. Пазарот на трудот беше (и сè уште е) на колена, а проценките покажуваат дека речиси 30.000 работници ги изгубиле своите работни места во ФБиХ од месец март, а околу 2.000 во РС. Иако се воспоставени механизми за ублажување на негативните ефекти од кризата, тие се покажаа како недоволни и мерките се спроведуваа многу бавно. На пример, не беше познато скоро два месеци дали кредитниот аранжман одобрен од страна на ММФ во висина од 330 милиони воопшто ќе стане активен – затоа што локалните политички лидери не можеа да се договорат за тоа како ќе се распоредат средствата меѓу ентитетите и кантоните.
Договорот е постигнат, со посредство на претставници на ЕУ и ММФ. Владата на ФБиХ усвои сет мерки но досега мал дел се применети во пракса. Порталот „Бизнис магазин“ направи преглед на најефикасните мерки за интервенција, повикувајќи се на изјавата на Вјекослав Вуковиќ, претседател на Комората за надворешна трговија на БиХ (ФТЦ), кој вели дека вистинските економски предизвици допрва треба да се појават. „Пакетите со фискални мерки за двата ентитета се насочени кон помагање на реалниот сектор и населението, но од друга страна, како неопходна последица и растот на јавниот долг… Мора да постојат јасни критериуми и прецизна програма за пакет мерки, бидејќи магливата состојба му помага на поединецот, а не на економијата“.
Според извештајот изработен од Фондацијата Конрад Аденауер во БиХ се вели дека границите на БиХ се отворија повторно на 1-ви јуни, откако беа затворени два месеци, но, на пример, кога станува збор за аеродромите, бројот на достапни летови и дестинациите е сè уште мал. Во извештајот за ситуацијата во БиХ се наведува дека, по укинувањето на мерките за домашна самоизолација, „укината е и вонредната состојба односно состојбата со несреќата кај ентитетите, кои ни во овој случај не ги усогласија мерките за ублажување, проследено со отворањето на границите“.
Тежок удар на пандемијата
Според досегашните податоци (кои се менуваат од ден на ден) во Босна и Херцеговина, од вирусот ковид-19 починале 178 лица, закрепнати се повеќе од 2.300, а вкупниот број на заразени во моментов изнесува речиси 4.000. Два и пол месеци со строги забрани ја одржуваше епидемиолошката слика колку-толку стабилна, а потоа во изминатите неколку недели, кога мерките попуштија и граѓаните тоа го сфатија како – вирусот веќе го нема, бројот на заразени почна нагло да се зголемува.
Босна и Херцеговина ќе има општински избори во ноември – иако се планирани за октомври, одложени се за 15 ноември заради потешкотии во финансирањето, односно, следствено на тоа, поради неприфаќањето на буџетот со кој требаше да се обезбедат средства токму за одржување на изборниот процес. Сепак, во средината на јуни, буџетот за 2020 година е усвоен и 4,2 милиони КМ се издвоени и наменети за изборите закажани за ноември.
Оваа земја тешко го поднесе ударот на пандемијата, потресена поради повеќегодишната злоупотреба на системот од корумпираните владини функционери, кои, за своја корист, ги поништија функциите на системот – потребен како сервис на граѓаните, а кој всушност со децении бил злоупотребуван преку механизмот на поголеми или поситни услуги за подобните, како алатка за обезбедување на поддршка од избирачкото тело.
Тешко е да се заклучи како ќе изгледа БиХ во ноември (дури и ако се работи за локалните избори) – дали ќе има барем делумна промена во односот на политичките сили? Со неизбежната забелешка дека избраните претставници на владата треба, преку одговорно дејствување, вистинска заложба и посветеност, да ја повратат довербата на граѓаните во системот (што изгледа утопистички, но се е можно), важно е да се напомене дека мора и ние самите да постапиме поодговорно, да дејствуваме во согласност со препораките и мерките, затоа што изминатиот месец живеевме како да го нема вирусот, што, донекаде е разбирливо, како резултат на психолошката реакција на луѓето затворени во своите куќи два и пол месеци.
Покрај тоа, подгревањето на теориите на заговор нам воопшто не ни користи, затоа што тие дополнително ги ослабуваат мерките на претпазливост и ги доведуваат во ризик луѓето на кои вирусот може да им предизвика сериозни здравствени потешкотии.