Автори: Албан Дафа и Редион Кирјази
Извор: Республика
Албанската влада брзо реагираше на појавата на ковид-19, меѓутоа, се отворија можности за извршната власт да ја прошири својата моќ, со занемарување на критиките, контролирање на перцепцијата на јавноста, нарушување на механизмот на заемна контрола и коректив на власта и игнорирање на пропишаните демократски процеси.
Справување со пандемијата
На 9 март 2020 година, Албанија ги регистрираше своите први два случаи на ковид-19; две лица кои се вратиле од Фиренца. До 1 јули, официјалните податоци на Албанија известуваат за вкупно 2.580 случаи, од кои 1516 се оздравени, 65 пациенти починале, а 999 случаи сè уште се активни. Вкупно се тестирани 23.869 лица.
Албанската влада презеде низа чекори за да се подготви за кризата, што е прикажано во некои од внатрешните уредби издадени од Министерството за здравство и социјална заштита, иако јавноста не беше запознаена со многу од нив. Некои од превентивните мерки беа: насоки за подготовка против потенцијално ширење на ковид-19 (24 јануари), формирање на привремен комитет и работна група за спречување на ширењето на ковид-19 (31 јануари), подготовка на целосно функционална карантинска служба (26 февруари), запирање на извозот на неопходни медицински материјали (8 март).
Меѓу другите активности преземени во оваа насока беа и наменување дополнителни простории и ресурси за пациенти со ковид-19, затворање на училиштата, лимитирање јавни собири, ограничување на слободата на движење и ограничување на разни несуштински бизниси, како што се берберници и продавници за облека. На 11 март, Владата издаде нормативен акт со кој се изменува и дополнува Законот за спречување заразни болести за да се овозможи и армијата и вооружените сили да се вклучат при спроведувањето на овие мерки заедно со албанската државна полиција, пред да се прогласи за состојба на природна непогода според уставните одредби. Состојбата на природна непогода беше прогласена на 24 март, а Собранието ја продолжи на 23 април до 23 јуни 2020 година, со што продолжи да важи ограничувањето на слободата на движење, правото на работа и правото на протест.
На 30 април, владата започна да олабавува дел од карантинските забрани со воспоставување на повеќе „зелени“ области и ограничување на слободата на движење само за време на викендите. Рестораните и кафулињата се отворија на 18 мај и до 1 јуни, владата ги отвори сите копнени граници, јавни плажи и други бизниси; но, продолжи да важи забраната за спортски и културни настани со побројна публика како мерка на претпазливост. Помеѓу 2 и 14 јуни, Албанија забележа драстично зголемување на бројот на пациенти заразени со ковид-19, поради што премиерот изјави дека размислува за повторно воспоставување на мерката карантин – нема преземени понатамошни чекори во таа насока. Сепак, вреди да се напомене дека во овој краток период од две седмици, Албанија регистрираше 426 нови случаи на ковид-19, приближно 27 отсто од сите случаи дотогаш.
Економски пад
Со зголемениот број на лица заразени со ковид-19, јавното мислење се префрли во корист на владините мерки. Брзиот одговор на владата беше поздравен и од Светската здравствена организација (СЗО). Сепак, граѓаните и малите бизниси останаа скептични во врска со владиниот план за финансиска поддршка – од финансиски надомест за работници кои не добиле плати до намалување на даноците за малите бизниси.
Поради непредвидливоста на финансискиот пазар за време на кризата предизвикана од ковид-19, банките го ограничија давањето заеми на малите бизниси. Некои продавници сè уште се затворени, други бизниси банкротираа, а многу сопственици на бизниси веруваат дека закрепнувањето ќе биде бавно. Туристичкиот сектор веројатно ќе претрпи најмногу штета поради широко распространетите ограничувања за патување, од кои голем дел сè уште важат.
Според Светската банка, албанската економија ќе се намали за 5-6 отсто, а невработеноста може трајно да се зголеми за 25 отсто ако кризата продолжи во текот на летото, и за 45 отсто до крајот на годината. Експертите веруваат дека ако се земе предвид неформалниот пазар на трудот, бројката на невработеност може да достигне 100.000 до крајот на 2020 година, особено затоа што најнеформалниот сектор во Албанија е исто така најпогодениот – туризмот.
Светската банка предвидува и дека дознаките од странство најверојатно ќе се намалат за околу 20 отсто, а Југоисточна Европа ќе биде еден од најпогодените региони. Ова ќе го направи економскиот пад во Албанија уште поболен.
Социо-политички настани
Додека траеше карантинот, многу настани се случија на албанската општествено-политичка сцена. Прво, на 25 март Европскиот совет го одобри започнувањето на преговорите со Албанија, доколку земјата исполни 15 зададени услови, меѓу кои и спроведување на изборните и правосудните реформи.
Второ, владата издаде нормативни акти за изменување и дополнување на законската регулатива за спроведување на мерките за ограничување на ковид-19, со заобиколување на процесот на донесување одлуки преку Собранието и сведување на судските постапки само на итни случаи.
Трето, сеопфатната институционална и уставна криза ѝ отстапи непропорционално голема моќ на извршната власт, додека обидите на албанскиот граѓански сектор да ја ограничи моќта на владата беа залудни. Премиерот го игнорираше отвореното писмо на албанските граѓански организации во кое се критикуваат измените и дополненијата на Кривичниот законик како несразмерни и како нарушување на човековото достоинство, бидејќи со нив се пропишува казна за кршење на карантинските ограничувања со затвор до 15 години.
Четврто, новите одредби за прекршување на карантинот вклучени во Кривичниот законик ѝ овозможија на полицијата да уапси неколку граѓански активисти кои протестираа на плоштадот „Скендербег“. Спроведувањето на одредбите кулминираше со присилно отстранување и апсење на актери и активисти, кои ја окупираа зградата на Народниот театар за да го спречат нејзиното рушење, кое на крајот се случи на 17 мај. Уривањето предизвика мирни протести во текот на денот, додека полицијата реагираше со апсење и тепање на демонстрантите.
Медиумското покривање за време на пандемијата во голема мерка ја фаворизираше владата, која, како што тврдат експертите, ја монополизираше „содржината, врамувањето и медиумскиот простор“ за време на пандемијата. Како резултат, „воената“ реторика и повиците „да се заштитат од медиумите“ пропагирани од премиерот, заедно со смалениот простор на јавните медиуми, доведоа до намалување на транспарентноста и отчетноста во овој период. Не се спроведени суштински истраги за реакцијата на владата на кризата и нејзините институционални и технички капацитети. Ставот кон власта почна да се менува постепено по насилната реакција кон мировните протести предизвикани со уривањето на Народниот театар.
Измените на Законот за спречување на заразни болести преку нормативен акт и одобрување на измените на Кривичниот законик преку забрзана парламентарна постапка укажуваат на тоа дека албанската влада ги искористила условите на пандемијата и тековната институционална и уставна криза за понатамошно проширување на извршната моќ. Нормативните акти и забрзаните законодавни процеси станаа шаблон по кој владата ги изменува и дополнува законите. Овие активности во пракса го отстранија албанскиот граѓански сектор од процесот на одлучување, со тоа што со нив се заобиколува процесот на јавни консултации.
Што е следно?
Најверојатно, зголемувањето на бројот на нови случаи на заразени со ковид-19 во првите 3 недели од јуни 2020 година нема да предизвика дополнителни поголеми ограничувања во Албанија од две главни причини:
Прво, албанските здравствени власти го предвидоа непосредното зголемување на бројот на заразени лица, а тие веруваат дека изводливо е справување со ситуацијата со сегашните стапки на зараза. Од таа причина, Техничкиот експертски комитет, меѓу другото, заклучи на 12 јуни дека нема да има враќање назад доколку стапките на зараза останат на сегашното ниво.
Второ, поради зголемениот притисок врз албанската влада од економијата во опаѓање, уште едно целосно затворање би било крајно непопуларно и би било на штета на граѓаните. Ваквата одлука би носела со себе и многу негативни политички поени, затоа што би била во спротивност со намерата на многу други земји од Европската Унија, а албанската влада има тенденција уредно да го следи нивниот пример, да се спречи нов карантин по секоја цена.
„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени. Чувството на несигурност е уште полошо бидејќи фокусот на владата во текот на пандемијата беше да се покаже дека кризата е под контрола, наместо да се испланираат суштинските реформи за здравствениот систем и економијата на земјата. Иако владата брзо реагираше да ја изгради медицинската инфраструктура за да одговори на пандемијата, новите случаи за кои има индикации дека се заразиле во медицинските установи, укажуваат на тоа дека не е имплементиран строг протокол. Покрај тоа, економското закрепнување на земјата ќе биде тешко. Мерките преземени од страна на владата за да се одговори на економската криза беа штури, додека неодамнешното затворање на една фабрика за производство од страна на здравствениот инспекторат откако петмина вработени се потврдија како позитивни, укажуваат на тоа дека не постојат суштински мерки за да се спречат натамошни економски тешкотии.
Владата мора подобро да комуницира со јавноста. Јавноста мора да биде информирана за природата на здравствената заштита и економските предизвици што претстојат, за да им веруваат и да ги почитуваат задолжителните превентивни мерки. Истовремено, владата мора да го зајакне спроведувањето на превентивните протоколи, особено во здравствените установи, да се погрижи да биде подготвена да се справи со втор бран без повторно воспоставување на карантински одредби и да гради доверба кај јавноста преку поголема транспарентност и отчетност.