Европската комисија усвои пакет од 70 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) како поддршка за пристап на партнерите од Западен Балкан до вакцините против ковид-19 набавени од земјите членки на ЕУ.
Пакетот ќе се плаќа во форма на грантови кои ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцините за приоритетните групи во регионот, како и потребната опрема за вакцинација, објави Комисијата.
Додадено е дека ова ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да купат одреден број вакцини од Договорот за набавка на ЕУ со шест производители, при што некои земји членки на ЕУ ќе споделат дел од своите претходно добиени дози. Комесарот за проширување Оливер Вархеји оценува дека во текот на целата пандемија, ЕУ покажа дека го третира Западен Балкан како привилегиран партнер.
– Во овој дух, ние продолжуваме да дејствуваме во случај на вакцини, преземајќи чекори за да овозможиме брз почеток на кампањи за вакцинација за критичниот персонал и најранливите групи во регионот. Брзата вакцинација ќе биде клучна во ставањето крај на пандемијата и започнувањето на социо-економското закрепнување на Западен Балкан – рече Вархеји.
Брисел објаснува дека преку меѓународната иницијатива Ковакс, за која се пријавија земјите од Западен Балкан, испораката на вакцини ќе започне подоцна од кампањата за вакцинација во ЕУ, но дека ЕУ ќе ја пополни таа празнина со тоа што регионот ќе добие пристап до одреден број дози од своите договори за продажба.
Комисијата и Европскиот центар за контрола на болести исто така му помагаат на регионот во финализирање на стратегиите за вакцинација во согласност со препораките на Комисијата.
ЕУ исто така финансира проект со Светската здравствена организација за помош во управувањето со логистиката и во испораката на вакцините, наведуваат од Брисел.