По вчерашната вакцинација во Србија на заинтересирани граѓани од соседните земји, денеска беше објавено дека нема да бидат вакцинирани оние кои не се пријавени. Голем број граѓани од соседните земји се дојдени во Ниш, иако немаат закажано за вакцинирање.
Ги пуштаат само оние со закажан термин за вакцинирање, кои главно се закажани преку српската стопанска комора. Многу луѓе чекаат, а не се пријавени и се создава голема гужва, односно бројот е трипати поголем од вчерашниот. Сите пробуваат да се протнат, ама јасни се здравствените власти, само закажаните ќе добијат вакцина.
Вчера беа вакцинирани сите пристигнати, без разлика дали имале закажано или не. Покрај од Македонија, има граѓани дојдени и од Косово, Албанија и Бугарија. Според присутните кои чекаат за вакцина, редицата е голема околу 300 метри. Според извештаите на оние што се пред спортската сала „Чаир“, голем дел од нив ќе останат без вакцини.
Директорот на Канцеларијата за Е-управа, Михаило Јовановиќ, повика граѓаните на соседните земји кои немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани.– Сите други треба да знаат дека, ако немаат закажано, нема да можат да се вакцинираат – изјавил Јовановиќ за „Танјуг“.