Од утре само вакцинираните лица ќе можат да влегуваат во затворени простории како што се театри, спортски сали и забавни простории. За оние кои не примиле вакцина, нема да биде дозволен влез во затворениот дел на рестораните, кафулињата и затворените барови.
Министерот за развој и инвестиции Адонис Георгиадис рече дека влезот во затворени простории ќе биде одобрен со доказ за вакцинација. Тој додаде дека само на малолетниците ќе им биде дозволено да влегуваат во затворени простории со негативен тест за коронавирус.
Повтори дека оние кои не ги почитуваат мерките може да бидат казнети со парична казна – од 2.000 до 10.000 евра – но и со губење на лиценцата за работа.
Според новите мерки, само гостите кои седат ќе бидат послужени, а забранети се настани со стоење. Фестивалите на отворено се дозволени само ако гостите седат и се почитуваат правилата за социјално дистанцирање и дозволениот капацитет.
Грчката влада донесе одлука за воведување на задолжителна вакцинација за здравствените работници и персоналот во домовите за стари лица, објави премиерот Киријакос Мицотакис.
Од 1 септември вакцинацијата ќе биде задолжителна за здравствените работници, а вработените во домовите за стари лица треба да се вакцинираат најдоцна до 16 август. Оние кои не се вакцинирани ќе бидат привремено суспендирани од работа, предупреди Мицотакис.
Работодавците во приватниот или јавниот сектор имаат право да прашаат дали вработениот е вакциниран.
Грците, исто така, планираат од вторник да вакцинираат млади луѓе на возраст од 15 до 17 години со вакцината „Фајзер“.