Поради зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирус во Врање, Србија, повторно е активирана ковид-болницата, која беше затворена кон крајот на април. Од вчера, примени се 52 пациенти. Кризниот штаб донесе одлука за задолжително носење маски и ракавици на јавни места.
Директорката на Здравствениот дом, Љиљана Антиќ, за РТС изјави дека новозаболените се претежно контакти на работници на две приватни компании.
Шест пациенти имаат потешка клиничка слика, а останатите имаат поблага клиничка слика или немаат никакви симптоми.
Зголемен е и бројот на тестирани, пред сè контакти на работниците од двете фабрики, едната за производство на мебел, а другата за обувки.
Фабриката за мебел престанала да работи кога биле откриени првите случаи.
Кризниот штаб во Врање донесе одлука за задолжително носење заштитна маска и ракавици на јавни места, во маркети, кафулиња… Граѓаните исто така се должни да одржуваат физичка дистанца.