Во последните 24 часа се евидентирани единаесет нови случаи на коронавирус во Хрватска.

Досега се регистрирани вкупно 2.280 позитивни лица на вирусот ковид-19. Новозаразените лица се од Загреб и околината и Сплитско-далматинската Жупанија.

Досега закрепнале 2.142 лица, а 107 лица починале. Нема пациенти на респиратор, а осум лица се лекуваат во болница.

Досега се тестирани вкупно 71.814 лица, а 820 во последните 24 часа.


Ученик во Сплит позитивен на коронавирус, цело одделение во изолација

Ученик од 4-то одделение во основно училиште во Сплит е позитивен на коронавирус. Уште три члена на неговото семејство се позитивни, сите се асимптоматски, изјави докторката Дијана Нонковиќ, епидемиолог во Сплитскиот институт за јавно здравје, за порталот „Индекс“.

Околу 20 деца од истото одделение ќе бидат тестирани денес, како и по 14 дена поминати во самоизолација.

– Сите родители на овие деца се веќе поканети, ние ќе ги тестираме и по 14 дена. За тоа време тие ќе бидат во изолација. Тоа е повеќе претпазливост отколку реална можност за зараза – рече д-р Нонковиќ.

Детето се заразило од неговиот дедо.

Како што јавува „Индекс“, во Хрватска сè поголем број случаи на ковид-19 се асимптоматски.