Во последните 24 часа во Србија 8.590 лица биле тестирани за коронавирус, а 357 од нив биле позитивни.
Починаа 11 лица. Како што рече претседателот Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста, ова е втор најлош ден по бројот на новозаразени од почетокот на епидемијата во Србија.
Во моментов, 118 пациенти во српските болници се на респиратори.
Стотици луѓе се собраа вчера во центарот на Белград поради најавата за воведување нов полициски час, а протестот брзо прерасна во масовни демонстрации против владеењето на претседателот Вучиќ. Во денешното вонредно обраќање тој, сепак, најави дека полициски час веројатно нема да има.
Претседателот додаде дека се откажува од полицискиот час, иако лично смета дека тоа е погрешен чекор, но дека сепак конечниот збор ќе го има стручната фела.
– Сакам да им кажам на граѓаните на Србија дека сум против тоа и верувам дека единствен спас за нашата земја е забрана за движење, што би значело брзо закрепнување. Се плашам дека со ова ќе им помогнеме на оние што сакаат да им се додворат на граѓаните – рече тој.