Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, на вонредна прес-конференција, објави дека во земјата е потврден првиот случај на инфекција со британскиот вид на коронавирус. Станува збор за косовски државјанин кој престојува во Словенија, а кој се вратил од Белгија.
Јанша рече дека поради можноста во Словенија да има поголем број на случаи на т.н. британски вид коронавирус, словенечката влада ќе ги преиспита одлуките за олеснување на мерките следната недела.
Словенечкиот премиер кажа дека веќе започнало преиспитување на стотици луѓе со позитивен тест за коронавирус во сите словенечки региони, со цел да се утврди дали станува збор за англискиот вид.
„Некои наоди беа позитивни“, рече Јанша, но ги негираше извештаите во некои медиуми дека веќе биле потврдени десетина вакви случаи.
„Податоците за состојбата со епидемијата од последните три дена не влеваат оптимизам“, рече Јанша, додавајќи дека состојбата со бројот на новоинфицирани во неколку региони е влошена.