Во изминатите 24 часа во Федерацијата БиХ регистрирани се 53 нови случаи на инфекција со коронавирус, а бројот во Република Српска во истиот период изнесува 31, пренесе „Б92“.
Ова е најголем пораст на заразени од последното укинување на некои заштитни мерки против ширењето на вирусот.
Досега во Федерацијата БиХ тестирани се 46.719 примероци, а Ковид-19 е потврден кај вкупно 1.483 лица. До денеска закрепнале 992 пациенти, а регистрирани се вкупно 46 смртни случаи.
Горан Черкез, член на Кризниот штаб на федералното Министерство за здравство, за сараевската телевизија „Н1“ изјави дека Федерацијата нема намера да го заострува постојниот систем, но ги повика граѓаните да ги почитуваат препорачаните мерки.
Тој рече дека единствено што останува во услови на раст на бројот на позитивни случаи е зголемен ангажман на инспекциите и службите што го контролираат почитувањето на мерките.